Светски познатиот „Д кјур“ на „Егзит 2019“

63

Еден од најголемите бендови во историјата на популарната музика ќе настапи на фестивалот „Егзит 2019“, соопштија организаторите. „Д Кјур“ идната година ќе биде апсолутен промотор на мал број европски фестивали, па продажбата на билетите за првите објавени датуми за 2019-та вивна во рекорден рок. На лично инсистирање на бендот, „Егзит“, актуелниот носител на европската шампионска фестивалска титула, се најде меѓу одбраните, па на задоволство на публиката од целиот регион „Д Кјур“ првпат во Србија и регионов ќе настапи на 4 јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.

Откако годинава го распродадоа „Хајд парк“ во Лондон за 65.000 посетители, неодамна одекна и веста дека рок-гигантите „Д Кјур“ следната година заминуваат на јубилејната и можеби последна турнеја по повод неверојатните 40 години постоење на бендот.

Славниот „Гардијан“ по повод овој голем јубилеј наведува дека во прашање е музичкиот состав што „протатни низ 1980-тите онака како што ’Битлси’ протатнија низ 1960-тите или Боуви низ 1970-тите, диво креативни, менувајќи се постојано“, додека култниот „Ен-ем-и“ нивниот неодамнешен концерт го опишува како „чиста перфекција“ на голем рок-бенд што е „на врвот од својата вештина“, нарекувајќи ги „божествени гении“.

На неодамнешната конференција за новинари, Душан Ковачевиќ, основачот на „Егзит“, изјави дека не е лесно да се дојде до бенд од врвот на листата со желби на сите големи фестивали:

– Секоја година од основањето на фестивалот испраќавме понуди за „Д Кјур“, а парадоксално, баш во моментот кога се најголеми откако постојат и тргнуваат на најбараната турнеја за следната година, се случи тие да ни се јават нам! – вели Ковачевиќ.

А познатиот рок-критичар Драган Амброзиќ додаде дека во прашање е неверојатна вест, како и тоа дека со голема сигурност може да се каже дека станува збор за еден од најзначајните концерти во историјата на „Егзит“.