Светот го одбележува ослободувањето на озлогласениот логор Аушвиц

130

Денеска се одбележува 75-годишнината од ослободувањето на еден од најозлогласените нацистички концентрациони логори Аушвиц-Биркенау од страна на советските сили во 1945 година. Логорот бил изграден помеѓу 1940 и 1942 година, со окупирање на нацистичките сили во близината на градот Освенцим, во јужна Полска.
Аушвиц претставувал мрежа од логори, во кои се комбинирале масовни убиства со изгладнување и истребување со физичко исцрпување. Кон крајот на летото во 1941 година, нацистите започнале да експериментираат со нови методи за убивање – кристален водороден гас на база на цијанид, наречен циклон Б. Како што напредувала војната, во логорот биле конституирани поголеми гасни комори.

Пристигнувањето во логорот почнувало со процес на селекција – нацистичките лекари прво проценувале дали некое лице е доволно здраво за да се користи како роб или веднаш да се испрати во коморите со гас. По смртта, имало група избрани затвореници чија задача била да ги отстрануваат косата, златните заби и пломбите од труповите, пред да ги запалат во печките од крематориумот.

Нацистичкиот лидер Адолф Хитлер го насочил шефот на СС, Хајнрих Химлер, да развие стратегија за замена на населението во Источна Европа со луѓе од чиста „ариевска“ крв. Најголем дел од словенското и балтичкото население, вклучувајќи и околу шест милиони Евреи што живеат во Источна Европа, требало да бидат истребени.

Помеѓу 1940 и 1945 година во Аушвиц умреле најмалку 1,1 милион луѓе, од кои 90 отсто биле европски Евреи. Жртвите исто така вклучувале 70-75 илјади Полјаци, 21.000 Роми, 14.000 советски воени затвореници и 10-15 илјади жртви од други националности.