Светот би можел да се соочи со „антибиотик-апокалипса“?

109

Лидерите на главните медицински здруженија на Велика Британија, меѓу кои се претседателите на Кралскиот колеџ за лекари, Кралскиот колеџ на хирурзи и Факултетот за јавно здравство, потпишаа писмо со барање до државниот секретар за здравје и животна средина во владата на Велика Британија за воведување промени во начинот на третирање на животните со медикаменти, пишува британски „Гардијан“.

Тие ја повикуваат владата да се заложи за целосна забрана за превентивната употреба на антибиотици во третманот на животни, откако таквата мерка беше изгласана во Европскиот парламент и треба да стапи на сила до 2022 година, но по Брегзит не е обврзувачка за британската влада.

– Светот ќе се соочи со антибиотик-апокалипса, во која дел од болестите ќе станат неизлечиви, а најрутинските операции ќе станат опасни по живот – во неколку наврати предупредилa Сели Дејвис, водечката советничка за здравство во владата на Англија.

Лекарите предупредуваат дека доколку оваа предлог-мерка не се примени, досегашната пракса на примена на антибиотици во фармите за добиток ќе предизвика сериозно негативно влијание врз здравјето на животните и на луѓето. Досегашниот застарен модел на регулаторни стандарди предвидува примена на антибиотик како превентивна мерка на цело стадо и во случај кога само едно животно е болно, што е прекумерна употреба на антибиотици врз здравите животни и го зголемува ризикот на отпорност на антибиотиците.

– Ја повикуваме владата да воведе реформи за редуцирање на примената на антибиотици, бидејќи отпорноста од нив ќе не врати назад во мрачните денови на неефикасното здравство и ќе предизвика предвремена смртност. Здравјето на животните и здравјето на луѓето треба да биде подеднакво заштитени – изјавил д-р Џон Мидлтон, претседател на Факултетот за јавно здравство.