Сајмон и Гарфанкел – дует наречен хармонија

62

Во светот на музиката, музичарите стануваат уметници доколку во животот успеат за својот труд да добијат награда на масовно прифаќање и вреднување на нивните музички дела. Кога на некои од нив тоа ќе им се случи повеќепати во текот на повеќе од 50 години, тогаш и најголемите скептици занемуваат, ја симнуваат шапката и се поклонуваат со почит. Музичката приказна што следува е само еден пример за тоа како скромните и едноставни музичари, Пол Сајмон и Арт Гарфанкел, но музичари со џиновски талент, со своите музички хитови го освоија светот и се искачија на музичкиот Олимп. Сајмон и Гарфанкел беа американски фолкрок-дует во кој Пол Сајмон беше кант-автор, а Арт Гарфанкел пејач. Тие беа едни од најпопуларните изведувачи во 1960-тите години, кои станаа икони на контракултурата во деценијата на социјалната револуција, заедно со музичките уметници како што беа Боб Дилан, „Битлси“ и „Ролинстоунси“. Морам да признаам дека тие, заедно со „Криденси“, извршија најголемо влијание, каква музика да слушам како тинејџер. Многу рано ме привлекоа и ме освоија со своите попфолк-балади, во кои доминираа ангелскиот тенор на Арт и хармоничните хоти на Пол.

Се запознале во шесто одделение во училиштето во кое учеле, каде што заедно настапувале во пиесата „Алиса во земјата на чудата“. Пол ја играл улогата на белото зајче, а Арт бил мачката. Набргу ја откриле заедничката страст кон музиката и лесно станале пријатели. Пол имал склоност кон пишување текстови, а Арт покрај што ја сакал музиката, умеел да пее со висок и убедлив глас.
Најпрвин во 1957 година ја создаваат групата „Том и Џери“ со која постигнуваат успех со хитот „Hey, Schoolgirl“, кој се искачи меѓу топ 40 на американската листа за најпопуларни песни за таа година. Двајцата шеснаесетгодишници се обидуваа да го повторат успехот, но во тоа не успеваа, па не им остануваше ништо друго освен да се вратат на редовното школување. Дури во 1964 година, јавнувајќи го бранот на фолк-еуфоријата во САД, Пол и Арт повторно добија сериозна шанса и под името Сајмон и Гарфанкел го снимија својот прв албум „Wednesday Morning 3 A.M“ за дискографскиот гигант „Си-би-ес“. Албумот остана незабележан од пошироката јавност и се чинеше дека на соработката на пријателите од детството ѝ дојде крајот. Арт се врати на факултетот, а Пол со гитарата замина во Лондон, таму да ги бара среќата и успехот.

Но, набргу се случува чудо. Продуцентот Том Вилсон, кој на Боб Дилан му помогна да го промени лицето на фолк-музиката создавајќи хибрид од фолкот и од рокот, без согласност на музичкиот дует на една од нумерите од албумот додаде бас, електрична гитара и тапани. Така е создадена новата верзија на „The Sounds Of Silence“, објавена во нов аранжман, која како сингл го освои првото место на американската топ-листа. Инаку, оваа нумера е најголем хит на овој музички дует. Пол ја напишал уште во 1963 година, по атентатот на Џ.Ф. Кенеди, што влијаело на специфичниот сензибилитет што песната го поседува, но е објавена дури во 1964 година на нивниот прв албум. Оваа песна е причина Сајмон и Гарфанкел повторно да се здружат и да отсвират голем број распродадени концерти во САД.

Наредните пет години, овој музички дует прерасна во еден од најуспешните музички дуети на сите времиња и непрекинато беше присутен на светските топ-листи. Следуваше голема низа хитови, од „Home Ward Bound“ и „I’m A Rock“, „Scarborough Fair“, па преку вечната тема „Mrs. Robinson“ од филмот „Дипломец“, па сѐ до „The Boxer“, раниот етно-експеримент „El Condor Pasa“ и неповторливата насловна песна од нивниот најдобар албум „Bridge Over Troubled Water“. Во оваа вонвременска нумера се испреплетуваат госпел, џез, рок и ритам и блуз, кои ѝ даваат преубава едноставност, како текстуална, така и музичка, но токму тоа е вредноста што ѝ дава нота на универзалност и на безвременост. Ја имаат обработувано великани како Елвис Присли, Џони Кеш и Арета Френклин. Таа и другите наведени хитови беа број еден на музичките сингл-листи на светот. Паралелно со големиот успех се случија и големи уметнички несогласувања помеѓу Сајмон и Гарфанкел, што резултираше со нивна разделба во 1970 година. Подоцна, тие се обединуваа неколкупати, но сепак најуспешни беа во 1981 година, кога во Централ парк одржаа концерт на кој присуствуваа повеќе од 500.000 луѓе, што е седми концерт по бројот на посетители во историјата на музиката.

По разделбата Пол Сајмон издава голем број успешни албуми. Тој храбро тргна во истражување егзотични музички форми, како што се регето и калипсото и во текот на неколкуте наредни години беше признаен за еден од водечките автори и изведувачи на светската музичка сцена. Врв на музичката кариера доживеа со албумот „Graceland“ (Грејсленд – име на имотот во Мемфис каде што живееше и е погребан Елвис Присли) што е една од најважните и највлијателните плочи на 1980-тите години. Со музиката од овој албум Пол Сајмон на светот му ги подари неодоливите звуци на јужноафриканскиот џајв и на љубителите на музиката им ги покажа нераскинливите врски на традицијата на рокенролот со духот на африканскиот континент. Преку пулсирачки ритми и едноставни хармонии Пол ги пееше своите мелодии и стихови, кои извираа од најдлабоките лични промислувања и искуства. Арт Гарфанкел почна да се занимава со актерска кариера, во која постигна завидни успеси остварувајќи главни актерски ролји во познатите филмови „Квака 22“ и „Лошо време“. Од голем број критичари прогласени се за најуспешен фолкрок-дует и најпопуларни музички уметници од 1960-тите. Снимија пет студиски албуми и четири во живо и сите добро се продаваа и беа прифатени од обожавателите. Имаат освоено 10 награди „греми“, а нивниот албум „Bridge Over Troubled Water“, е рангиран на 51-то место на листата на списанието „Ролингстоунс“ – 500 најдобри албуми на сите времиња. Во Рокенрол-куќата на славните примени се во 1990 година.

Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди