Саша Николовски-Ѓумар остави голема трага

31

Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните македонски диригенти, кој замина на денешен ден пред три години, остави голема трага во македонската музика. Во негова чест, во 2018 година Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија одржа и концерт во Македонската филхармонија, по што беше и преименуван во камерен оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“. На 7 ноември лани, овој оркестар меѓу другото одржа и концерт во салата на Чешкиот културен центар во Софија.

Диригентот Саша Николовски-Ѓумар беше роден во Битола, а почина во Скопје, каде што и живееше. Од 1998 година во овој град и работеше како професор на Факултетот за музичка уметност, на истиот факултет каде што и дипломира, на отсекот за музичка теорија и педагогија и на отсекот за композиција и диригирање кај професорот Фимчо Муратовски. Предаваше хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето. Саша Николовски-Ѓумар специјализира на конзерваториумот „Николај Римски-Корсаков“ во Санкт Петербург, а магистрира на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Уште за време на своите студии работеше како диригент со хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност, со Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и со академскиот хор „Мирче Ацев“. Во неговата биографија меѓу другото остана забележано дека од 1993 година беше и музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и шеф-диригент на Младинскиот камерен оркестар. Диригираше и на концертите на „Скопско лето“ и на „Охридско лето“, а го формира и оркестарот за современа музика „Синтезис“.

Саша Николовски-Ѓумар го предводеше и Словенечкиот симфониски оркестар на концертот во „Галусова дворана“ во „Цанкарјев дом“ во Љубљана во 2014 година, со музика од југословенски филмови и ТВ-серии, а остана запаметено и неговото диригирање на последниот концерт на групата „Леб и сол“ во Скопје. За работата со ансамблот за современа музика „Св. Софија“, тој ја доби наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на фестивалот „Денови на македонската музика“ во 2001 година. Меѓу другото, остана забележано и неговото авторство и на аранжмани на четири музички изданија, но и податокот дека настапуваше и во Романија, Унгарија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора.