Саудиска Арабија се опушти со моделите од Инстаграм и лудите забави

718

Инфлуенсерите што го промовираа музичкиот фестивал во Ријад го обелија образот на Саудиска Арабија на социјалните мрежи, но навлекоа и критики

Пренесено од Ал џезира. Извор: новинска агенција „Асошиејтед прес“

Супермоделите и експертите за социјални мрежи, а заедно со нив и нивните шминкери и фризери позираа на концертот во кожни пантолони, џемпери и модерни црни војнички чизми. Невообичаеното во овие објави на Инстаграм беше тоа што намерно ја означуваа локацијата на Ријад, Саудиска Арабија.

Многу познати ѕвезди на Инстаграм, како поранешната манекенка за „Викторијас сикрет“ Алесандра Амброзио и холивудските актери како Рајан Филип, Ед Вествик и Вилмер Валдерама, беа поканети минатиот викенд во Саудиска Арабија за да го промовираат досега најневеројатниот подвиг на кралството за да прикаже коренити промени во сликата на државата во која над педесет отсто од 20-те милиони жители се под 25 години. Подвигот имаше цел да ја зајакне економијата и истовремено да ја подобри сликата на Саудиска Арабија пред светот за да биде атрактивна дестинација за младите.

Ваквата огромна иницијатива започна пред три години, откако верската полиција упаѓаше во рестораните во кои се слушаше музика и ги малтретираше жените кои го откриваа своето лице или имаа црвено лакирани нокти. Сега во кралството има кина и театри. На жените им е дозволено да возат автомобил, да патуваат без машка придружба и да седат на иста маса со мажите во рестораните. Кралството почна да доделува туристички визи оваа година. Од туристките не се бара да носат конзервативна долга црна наметка позната како абаја, како и шамија.

На аеродромот во Ријад сите туристи добиваат памфлети од информативното биро со правила како да се однесуваат во Саудиска Арабија. Од мажите и од жените се бара да се облекуваат скромно во јавноста и да избегнуваат тесна облека, а посебно жените треба да си ги покријат рамената и колената. Очигледно не сите ВИП-гости кои пристигнуваат со приватни авиони во Саудиска Арабија ги добија препораките, па така некои од нив носеа кратки блузи додека им се гледаше стомакот под раскопчаните палта.

Масовното промовирање на луксузниот живот на социјалните медиуми овозможи вниманието да се сврти кон целта да се промовира „МДЛ бист“, тридневниот музички фестивал во Ријад кој привлече над 130.000 посетители само на првиот ден, според официјалните информации на Министерството за културно-забавен живот.

Цените почнуваа од 75 ријади (20 долари), но организаторите сакаа да привлечат поголема публика, па така се делеа и бесплатни билети за дел од вработените во владата. Над 70 светски познати ди-џеи настапуваа на пет сцени додека во позадина се изведуваа надреални уметнички перформанси, од кои во едниот жена беше облечена во претесен целосен костим во небесно сина боја, и изведуваше акробации во балон на топол воздух над публиката со претежно млади Саудијци. Мажи и жени уживаа и танцуваа на лудата забава, а илјадници чекаа ред со часови за да влезат на фестивалот.

Манекенката Вини Харлоу беше меѓу бројните славни гости на фестивалот „МДЛ бист“

Подобрување на сликата на Саудиска Арабија

Познатиот профил на социјалните мрежи „Диет прада“ ги именуваше и ги посрами дел од познатите кои наводно добиле шестцифрени суми за да присуствуваат на фестивалот и да ја наведат локацијата во своите објави за да ја „подобрат сликата на Саудиска Арабија“.

На почетокот од оваа година, хип-хоп ѕвездата Ники Минаж го откажа концертот во кралството поради загриженоста дека сакала да ги промовира женските права, правата на хомосексуалците и слободата на изразување. На прашањето на новинската агенција „Асошиејтед прес“, министерството за културно-забавен живот кое даде зелено светло за фестивалот, порача дека некои поединци добиле компензацијата за промовирање на настанот, но негираше дека им биле исплаќани високи суми.

Иако престолонаследникот Мохамед бин Салман спроведе широки општествени промени, сепак тој го следи ваквиот тренд во критиките и во политичкото изразување. Принцот ја предводеше војната на неговата држава во Јемен, која ја предизвика најголемата хуманитарна криза во светот, а се апсеа активисти за женски права, муслимански лидери и писатели. Тој исто така беше силно осуден од страна на меѓународната јавност поради убиството на саудискиот писател и колумнист на „Вашингтон пост“ Џамал Кашоги во Турција, врз кој лани беше извршен атентат од страна на саудиски агенти во нивниот конзулат во Истанбул.

Инцидентот го извалка угледот на престолонаследникот иако тој ужива огромна популарност во татковината. Мона Хасан, која заедно со своите возрасни ќерки присуствуваше на фестивалот во Дирија во близина на Ријад, вели дека „промените се неверојатни, а со Господ напред, во иднина ќе следат нови. Народот го поддржува Мохамед бин Салман во неговите идни одлуки“. Целосно покриената Хасан изјави дека не растела со ваков вид на забава, но не е против нејзините деца да уживаат во неа.

Саад ал Отаиби, кој помина 300 километри од Ал Давадми за да присуствува на фестивалот во Дирија, прво проверил дали содржините се наменети за семејствата и дали цените се пристапни пред да ги донесе сопругата и децата. Тој порача дека „сите промени се позитивни, а не негативни, иако цените биле високи“, како што истакнаа и други на Твитер.

Фестивалот во Дирија се одржа пред еден месец, вклучуваше и спортски настани како светскиот шампионат во бокс од тешка категорија. Посетителите со своите семејства уживаа на лизгалиштето, се спуштаа по жица во паркот, се возеа на панорама и играа галактичко куглање. Во другиот дел, младите пушеа наргиле и вечераа во привремени ресторани каде што цените се движеа од 100 до 1.200 долари за оброк по лице. Двојки седеа на клупите во парковите под отворено небо и слушаа саудиски музичари кои свиреа на уд, традиционален жичен инструмент од Блискиот Исток.

– Никој не можеше да замисли дека ова се случува. Никогаш не сметавме дека ова може да го постигнеме за 30 години. Ова е огромна промена за толку кратко време – вели Абдула Абулкер, 28-годишен Саудиец во посета на Дирија.

Но не се сите задоволни со начинот на владеење или промените што ги спроведува принцот. Саудиските верски лица, од кои повеќето во минатото беа против ваквите промени, сега не сакаат или не можат јавно да ги критикуваат неговите одлуки. Оние што се обидоа беа приведени, а нивните профили на социјалните медиуми беа избришани. Во ваква апсолутна монархија, кралот го има последниот збор во ваквите големи одлуки.

Досега се случи само еден голем инцидент на фестивалот. Минатиот месец, еден Јеменец прободе две шпански танчарки и чувар за време на еден настап во живо во Ријад. Државните медиуми пренесоа оваа недела дека тој наводно дејствувал по наредба на висок лидер од Ал каеда, според поднесените докази за неговото судење.
Сепак, јасно е дека повеќето Саудијци се подготвени за промените. Сара Мутеири (28) изјави дека „не чувствува потреба да патува во странство, затоа што таму веќе имаат сè. Тие се задоволни од досегашното и очекуваат многу новитети во иднина“.

Превод: Билјана Здравковска