Сара Мејс со „Donka of Macedonia“ беше дел од Светскиот ден на харфата

80

Познатата музичарка, авторка и пејачка Сара Мејс го претстави убавиот македонски мелос преку својата харфа на глобалниот онлајн концерт по повод Светскиот ден на харфата што се одбележа на 20 октомври. Таа на настанот насловен „Ворлд харп деј спешл“ (World Harp Day Specials), настапи со изведба на делото „Donka of Macedonia“ . Концертот се одржа на денот на нејзиниот роденден, па така Сара имаше единствена можност на светот да му ја подари својата несекојдневна музичка креација создадена за уживање и гордо претставување на Македонија на Светскиот ден на харфата.

Сара за оваа композиција вели дека за нејзиното создавање е заслужна македонската песна „Се посврши Сербез Донка“. Инспирирана од старата македонска песна, Сара компонирала дело коешто заслужува да биде културолошки претставник на Македонија во светот на уметноста. Главната цел на Светскиот ден на харфата беше токму тоа, да се создаде плодна почва за културен дијалог меѓу земјите, а харфата да претставува потсетник на мирот и единството на сите земји.

Сара Мејс изработи и едиторијал наречен „Бели песоци“ (White Sands) посветен на „Donka of Macedonia“. Едиторијалот во целост ја претставува Сара во својата слобода на творење заедно со харфата којашто е парчето што нејзе ја дополнува за да биде целосна во своето изразување и постоење како уметник.