Сара Мејс и колегите ја создадоа песната „Наше време“

248

Додека трае полицискиот час, во удобноста на домот се создава оригинална македонска музика, која со сигурност ќе го врати доброто расположение кај секого. Меѓу домашните музичари кои времето во карантин го искористија да бидат креативни е и Сара Мејс, која издаде нова песна.

Интересно е дека се почна од музички мотив на харфа, која таа го објави на својот профил за време на изолација и предизвика еден од нејзините колеги музичари да отсвири бас линија врз нејзината тема. Музичарите продолжија да се предизвикуваат и до крајот на денот тие стигнаа до дел од строфа која беше исто така објавена на Фејсбук.

Целосната песна се вика „Наше време“, а снимено е и карантин видео. Песната има пријатна мелодија и длабок текст, што инспирира и дава надеж, за полесно да се поминат овие тешки денови на карантин и пандемија. Сара Мејс преку песната испраќа силна порака, дека еден ден сѐ ќе биде во ред и времето кое го живееме сега, ќе биде раскажувано од нашите деца во иднина.

– Убав ден ќе биде, ќе нѐ грее сонце силно сите тогаш, некој ќе ни спомне, ќе ни раскаже како било некогаш – вели Сара Мејс во песната.

Тимски создадена, музиката на „Наше време“ е на Сара Мејс, како и изведбата на харфа, вокали – Сара Мејс, Теона Јованоска и Матеј Додевски, Симеон Ангеловски – бас гитара, Драган Теодосиев – тапани, Зоран Јагоридовски – конги, додека за звукот се погрижи Ивица Јанкуловски. М.Т.