Домување

Ова растение е одличен избор за луѓето што често патуваат, бидејќи не му треба често наводнување.
Сансеверијата, често нарекувана индиско перо, е растение на лисни сукуленти со потекло од тропска Африка. Познато е како украсно домашно растение, кое го чисти воздухот од некои отрови, како што се формалдехид, бензен, ксилен и трихлоретилен.
Растението произведува кислород ноќе, па затоа е идеално растение за спални, во кои инаку е чувствително да се поставуваат секаков вид растенија, бидејќи повеќето од нив, за разлика од сансеверијата, земаат кислород од воздухот навечер. Исто така, прочистува многу други токсични честички од воздухот.
Ова растение е познато и како сабја, сабјарка и индиско перо. Му припаѓа на родот сансеверија, кој вклучува повеќе од 50 вида, а десет вида се одгледуваат како домашни растенија. Наречено е по принцот од Сан Север.
Сансеверијата се пресадува на две-три години во малку поголеми саксии, а почвата треба да биде порозна. Садовите треба да бидат поплитки и пошироки, бидејќи има плиток корен.

Не треба да се наводнува премногу, затоа што е склоно на гниење. При наводнување, треба да се внимава водата да не стигне до центарот на растението. Ако се задржи вода во центарот на растението, тоа ќе предизвика негово гниење. Наводнување треба да се направи кога почвата во садот ќе се исуши. Налето наводнувањето е почесто и пообилно, а во зима се намалува.
Ова растение расте добро во простории со слабо осветлување. Во тој случај, шарите на лисјата ќе бидат помалку изразени. Сансеверијата цвета во светли простории. Нејзините цвеќиња се мали и незабележителни, но имаат мирис што потсетува на ванила.