Сакав да докажам дека континуирано сме создавале добра музика

302
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тошо Филиповски, автор на книгата „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“

По оваа книга, Тошо Филиповски има намера да ги опфати и македонските касетни изданија и објавените цедиња, со што ќе бидат опфатени сите аудиоизданија

По објавувањето на „Првата македонска рок-енциклопедија“, музичарот, новинар и истражувач Тошо Филиповски неодамна објави уште едно значајно дело со кое, како што вели, сака да потсети на подзаборавените факти за богатата македонска дискографија и да докаже дека континуирано во нашата земја се создавала квалитетна популарна музика.

– Ова е уште еден документ што докажува дека во Македонија се снимала и се создавала континуирано добра музика, во тренд со светските музички движења, а се надевам дека ќе им биде корисна и на колекционерите. Мала земја сме, но сме имале доволно квалитетни бендови во секој жанр за да бидеме на врвот во некогашна Југославија. Ова е мојот одговор на децениските дебати и некои тези, со кои не се согласувам, на луѓе од музиката и нејзини консументи. Мојата битка е континуирана со јавниот сервис и електронските медиуми, според кои ние немаме што да претставуваме оти немаме сериозна продукција, немаме континуитет, квантитет и квалитет. Со години се обидував да им реплицирам во тие дискусии дека немаат право, но кучињата лаат карванот си врви. Токму оваа книга е мојот одговор, а нивните реакции сѐ уште ги очекувам – вели Филиповски.

Првиот том на книгата „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“ го отпечати печатницата „Бранко Гапо“ во тираж од 800 примероци. На насловната страница е Софија Филиповска, 11-годишната ќерка на Тошо, а дизајнот е на Ѓокица Зафировски. Книгата, на 476 страници, претставува 333 посебни единици. Печатена е во боја, за да се видат убаво сите детали – обвивките на плочите, плакатите, постерите…

– Оваа книга не ми одзеде мнoгу време како „Првата македонска рок-енциклопедијата“, кога доста време истражував и поминав од подготовки. Кога знаеш каде да најдеш материјал, кога ќе видиш еден податок, плус десет други ти се јасни и брзо ја правиш реконструкцијата на нештата. Со оглед на тоа дека 99 отсто ги имав плочите, требаше само да се осмисли концептот, што да се опфати, а што не. Требаше да решам некои дилеми, кој е македонски автор и потпаѓа под македонската култура, а кој не е. Мојата теза е да се пишува за некој што има македонско потекло и за некој што живеел и работел тука, на пример Тихомир Поп Асановиќ живеел тука дваесетина години, работел во Забавниот оркестар. А Џони Штулиќ е само роден тука и како мал се иселил. Токму затоа во книгата не влезе ни тој, ниту Аки Рахимовски, кој претежно создавал во Хрватска, каде што е лидер во „Парни ваљак“, но не е комплетен автор на албумите. Но Мики Петковски е влезен со авторски соло-албум. Би сакал и во иднина да продискутираме за тоа што е македонски автор и кој дел од неговото творештво ѝ припаѓа на македонската дискографија – посочи Филиповски.

Тој додаде дека многу од луѓето, новинарите, музичарите за педесет отсто од споменатите изданија првпат слушнале.

Во книгата комплетно се презентирани околу 230 винилни изданија (самостојни и заеднички) на македонски артисти и бендови. Дополнително се посочени и околу 70 винилни изданија (компилации) на кои се застапени теми/песни/ленти на македонски артисти и бендови. Има 1.500 фотографии во боја, но и многу информации за самите изданија, еден дел официјални, но и многу од нив досега непознати за јавноста. Жанровски, монографијата ги претставува винилните изданија со рок, џез, блуз, електроника, хипхоп, светска музика, поп-рок, панк, хеви-метал, реге, ска, фанк, соул…

– Сакајќи да ги одбележам и изданијата на електронска сцена, открив дека имаат 80 изданија објавени на винили, за што немаа поим ниту тие самите. Стојче, Македонец што живее во Берлин, има најмногу изданија на електронската сцена, а „Леб и Сол“ се најтиражни, со најмногу дискографски изданија и затоа во книгата им е посветен и најголем простор. Недовршена остана приказната со забавната музика, која не ми е фах и делумно се опфатени изданијата, а во вториот том ќе ѝ посветам поголемо внимание, особено на шлагерската музика. Меѓу поинтересните факти во врска со забавната музика е што открив дека во 1958 г. Драган Мијалковски објавил сингл во Бугарија со грчки изведувач. Исто така Питер Џон Босе „Самба во Штип“ ја објавил и како сингл-плоча, за што малкумина знаат. И „Ѕма ѕма ѕм“ на групата „Македонија“ е издадена на посебна сингл-плоча. Интересно е и дека групата „Енигма“ од Дебар, е прв бенд во светот што снимил албум на албански јазик, во 1980 г. Исто така многу малку се објавувани компилации кај нас, последната е во јануари 1987 г., неофицијално издание на „Рок-фест“ без поголем тираж и „Сонична младост“ на Мирко Попов – вели Филиповски.

По оваа книга тој има намера да ги опфати и македонските касетни изданија и објавените цедиња, со што ќе бидат опфатени сите аудиоизданија.

– Музичарите оставаат белег со она што го работат, а јас го документирам тоа и на извесен начин им го продолжувам животот на нивните песни, на она што го сработиле. Чувам сѐ, аудио, видеоматеријал кај мене дома во Кочани, цел стан е полн со музика. Да, времето уништува, а ова што го правам јас е еден од начините да се зачува од заборав сето тоа што голем број ентузијасти на оваа почва го создале сите изминати години – вели тој.

Негова голема желба е да има центар за истражување на македонската популарна музика.


Интересни факти за македонската дискографија

– Македонски музичари објавувале под знамиња на повеќе до 30 држави.
– Домашната дискографија има 85 самостојни албумски остварувања.
– Најмногу, 34 винили, се објавени во 2017 г., со тенденција дека во 2019 ќе ги има повеќе.
– Нема објавено грамофонски плочи во 1959, 1960, 1961, 1962, 1965, 1966, 1970, 1992 и во 1993 година.
– Зад 70 изданија стои логото на македонска издавачка куќа.