САД одобрија тест што за пет минути го открива коронавирусот

227

Соединетите Американски Држави одобрија брз тест, чија цел е за неколку минути да се утврди дали некое лице е заразено со коронавирус.
Од компанијата за медицински уреди „Абот“, која го дизајнира уредот, велат дека тој е мал и пренослив, со големина на тостер и може да се инсталира и надвор од болницата доколку е потребно.

– Тестирањето може да утврди дали некое лице е заразено со коронавирус во рок од пет минути, а за 13 минути е можно да се утврди дали конечно некое лице е негативно на вирусот – се вели во соопштението на американската компанија.
Од „Абот“ објавија дека веднаш добиле одобрение од Управата за храна и лекови (ФДА), за да започнат со производство на уредот и дека планираат наскоро да произведува пет милиони уреди месечно.

ФДА претходно ја одобри постапката за тестирање, која треба да донесе резултати во рок од 45 минути. Сепак, проблемот е во тоа што уредите од произведувачот „Цефеид“ главно се користат во болниците.
Борбата против коронавирусот во САД при избувнувањето на пандемијата беше тешка поради недостигот од соодветни тестови, а во случаите кога примероците беа тестирани, доаѓало и до застои како резултат на бавното пренесување на информации за резултатите од тие тестови.