Романтично акустично доживување со „Нокаут“, Џамбазов и Харе

738

Годината во која го одбележуваат својот јубилеј, 20 години успешна музичка кариера, членовите на групата „Нокаут“ ја одбележаа со акустичен концерт што се одржа завчеравечер, во големата сала на хотелот „Мериот“, во центарот на Скопје. Два часа Никола Перевски-Пере пред расположената публика ги изведуваше песните што ги одбележија двете децении на овој бенд: „Лебедот бел“, „Да си тука вечерва“, „Во бестрага“, „Знаеш каде да ме најдеш“, „Би се викал те сакам“, „Леат дождови“, „Мене ми припаѓаш“,„1.000 причини за крај“, „Ти си моја фатална опсесија“… Гости на концертот беа Игор Џамбазов и Игор Атанасовски-Харе.

Ова уникатно предновогодишно уживање за публиката, која имаше можност да ги слушне омилените песни во една поинаква, романтична верзија, ќе биде забележано и на носач на звук, бидејќи концертот се снимаше и ќе биде издаден на албум. Убава завршница на оваа славеничка година на групата „Нокаут“, која е основана во 1997 година, а реоформена 2006 г. Основач на бендот е Никола Перевски-Пере, а членови на првиот состав се: Кирил Колемишевски (втор вокал), Ацо Богдановски-Конга (перкусии) и Владимир Крстевски-Франц (гитара).

Не се сомневаме во квалитетот на овој акустичен подарок за публиката, која сите овие години им даваше несебична поддршка на членовите на „Нокаут“, бидејќи за нивниот акустичен концерт снимен пред повеќе години во МРТ сѐ уште се зборува. По новогодишните и божиќните празници, членовите на „Нокаут“ влегуваат во студио да го довршат својот нов, четврти по ред албум.