Рокенролот како микс на музички жанрови

92

Првичното прашање што треба да се расветли во врска со рок-музиката е прашањето како настанала таа музика. Ник Кон во своето епохално дело „ВупБопаЛупбапЛапБамБум – поп-музиката од почетокот“, утврдил дека рок-музиката настанала како нова синтеза на некои текови на американската музичка традиција во која еднаква улога играле и „белата“ и „црната“ народна музика на северноамериканскиот потконтинент. Според него, рокот настанал, најкратко речено, во 1950-тите години, со спојување на елементите на блузот, црнечката духовна музика, т.н. негро спиритуалс и госпел со кантри-вестернот или фолкот како облици на музика на белците. За тоа како и зошто блузот, госпелот, фолкот и кантри-вестерн стиловите се соединиле во една синтеза наречена рокенрол, и до ден-денес постојат многу непознаници, кои навидум изгледаат чисто музичко прашање од формална природа. Сепак, тоа не е баш така, бидејќи се работи и за суштината и откривањето на вистинското општествено потекло на рокот и неговото културно значење.

Прашањето дали рокот во својата суштина е бела или црна музика или, пак, нешто трето може да се реши доколку се расчлени неговата примарна музичка структура. Од друга страна, пак, има музички хроничари што тврдат дека рок-музиката во својата вистинска есенција е една од модерните варијанти на блуз-идиомите. Тоа го тврди и Јасминка Гојковиќ, која во своето дело „Музиката како социјална историја, блуз и џез“ пишува дека Елвис, „Ролингстоунси“ и „Битлси“ всушност го направиле невозможното: наследството на музичарите од афроамериканско потекло го отпеале на свој начин. Според неа, рокот е навистина трансформација на блузот, но не како срамна кражба од тој вид музика, туку како еден вид поклопување на сензибилитетите. Очигледно е дека тие сензибилитети дополнително се збогатени со госпел и ритам и блуз-музиката на Афроамериканците, насилно донесени во САД, и фолк, кантри и вестерн-музиката на доселениците во САД од Европа. Можеби еден од најзаслужните за испреплетувањето на овие музички жанрови е фолклористот и етномузиколог од САД, Алан Ломакс, кој во 1930-тите собрал капитална колекција на блуз и фолк-музички записи и сите ѝ ги отстапил на Конгресната библиотека во Вашингтон. Подоцна тој материјал е објавен на ЛП и влијаел за оживувањето на блузот, па дури и на музичката инвазија на САД, од страна на групите од Велика Британија – „Битлси“, „Ролингстоунси“, „Енималси“ и други, кои рок-музиката ја направија светски популарна, засновајќи ја на осовремениот звук и стил на изворните анонимни народни уметници од САД. Како и да е, едно е сигурно: во предвечерието на рокенролот, во неговата татковина, САД, течат три реки на популарна музика: ритам и блуз-музика – градски блуз, наменет за танцување, со јак и динамичен ритам; фолк, кантри и вестерн-музика (апалачи, стар фолк, планинска, каубојска, рурална и вестерн-музика, подоцна и звукот на „Нешвил“) и поп-музика во потесна смисла на зборот (комерцијалната музика на институцијата „Тин Пен Ели“, со најпознатите хитови од тоа време „Some of These Days“, „My Blue Heaven“, „Stardust“, „Blue Skies“).

Сите овие музички правци со по еден свој дел се вградуваат во новата рок-музика и затоа ќе бидат кратко објаснети. Госпелот (евангелие) е религиозна музика, а негро спритуал е духовната музика на Афроамериканците. Таа е меланхолична и многу тажна. Создадена е во времето кога робовите од Африка се донесени во САД, за да ги вршат напорните работи на плантажите. Така, од духовната музика на црномурните Африканци, од нејзините корени, изнедрен е блузот, потоа џезот, госпелот и ритам и блузот и соулот. Ритам и блуз, пак, е музички жанр настанат во 1940-тите години во САД. Комбинација е од џез и госпел, со големо влијание на блуз. Први го изведуваат афроамериканските уметници, со употреба на гитара, бас, труба, усна хармоника, тапани, саксофон, клавир, органа. Оваа музика ја изразува болката, но пее и за издржливоста. Станала универзална како такт, ритам и порака од срце. Има танцов карактер и урбан стил. Многу љубители на музиката со бела боја на кожата, во доцните 1950-ти и раните 1960-ти, ја засакаа ритам и блуз-музиката, која со текот на времето стана популарна музика. А токму таа музика, збогатена со фолк и кантри, се трансформира во рокенрол.

Тоа е време кога младите немале своја музика, свој стил и свој идентитет, и сето тоа го делеле со повозрасните и нивните родители. Меѓутоа, состојбите ќе се изменат многу брзо, кога во почетокот на 1950-тите ќе се појави рокенролот. Токму во него младите ќе видат можност групно да се идентификуваат, да се изразат и едни со други да се солидаризираат. Тоа и се случи. Рок-музиката почна да ги изразува начинот на размислување, идеите и ставовите на младите повоени генерации, незадоволни од општествените состојби и политичките случувања. Како таква носеше субверзивна нота во протестните песни, психоделијата или гаражниот рок. Токму тие ставови и идеи воспоставија одредени општествено-политички превирања во доцните 1960-ти години, па дури и поголеми општествени потреси во вид на масовни антивоени протести и демонстрации. Рок-музиката на младите генерации од тоа време им даде шанса да ги наметнат своите нови, свежи и оригинални идеи, што доведе до ерупција на колективната свест. Тоа беше време кога улогата на рокот беше да ја менува реалноста, да биде над неа и секогаш против неа. Така рокот стана и животна филозофија, мит и религија на отфрлените, маргиналците, онеправданите. Сите тие преку рок-музиката повикуваа на бунт, со што дојде до израз и нејзината социјална димензија.

Сотир Костов