Род Стјуарт откри тајна стара 26 години

38

Пејачот Род Стјуарт (74) во интервју за магазинот „Реалвеј модлер“ (Railway Modeller) го сподели со јавноста своето хоби. Тој претстави огромен, неверојатно детален модел на железнички град, на кој работел заедно со своите пријатели цели 26 години.

Во британското списание за хобија тој го покажа својот град инспириран од Филаделфија во 1940-тите, чија изградба почнала на таванот од неговиот дом во Лос Анџелес во 1993 година.

– Се закачив за американската железница затоа што живеев таму кога беше создаден нацртот. Ќе погледнев низ прозорецот и таа беше таму – вели Стјуарт и додава дека бил инспириран од книгата за Џорџ Селиос, познат американски творец на модели на железници.

Интересот на Стјуарт за вистински модели на железница почнал во детството, додека живеел во северниот дел на Лондон и патувал на годишен одмор со родителите во крајбрежниот град Бонор Регис. Таму во излогот видел модел на железница што го освоил и го посакал за својот роденден, но татко му, наместо тоа, му купил гитара.