Роверот на НАСА „Персеверенс“ ќе трага по живот на Марс

274

Најголемиот и најопремен ровер што бил испратен на Марс ќе тргне на патување да бара докази за минатиот живот на Црвената Планета и за да ги постави темелите за мисијата со која се планира да се испратат луѓето во подлабоката вселена.
На 18 февруари 2021 година, роверот на шест тркала, наречен „Персеверенс“, се планира да се спушти во рамките на 45 километри широкиот кратер Језеро, местото на речната делта за која се смета дека настанала пред 3,5 милијарди години. Мисијата се очекува да трае најмалку една марсовска година – или 687 дена на Земјата.
Беспилотното летало на соларна енергија, прицврстено за долната страна на роверот, ќе се ослободи пред да се спушти роверот на површината, со што ќе стане првиот објект направен од човекот што ќе лета на друга планета. Во идните мисии, ваков вид хеликоптер ќе може да ги води луѓето да го истражуваат Марс.

Откако ќе се најде на самото место, роверот ќе бара знаци за претходни услови за живот, како и дали во минатото постоеле микроорганизми, а ќе ги проценува и предизвиците со кои би се соочиле идните човечки експедиции, вклучувајќи и тестирање на методот за производство на кислород од атмосферата на Марс. Исто така, ќе пребарува и подземни води, ќе ги разгледува подобрените техники за слетување, временските услови, прашината и други потенцијални услови на околната средина што би можеле да влијаат на идните астронаути што се планира да живеат и да работат на Марс.

Мисијата „Марс 2020“ исто така ќе собира и ќе зачувува примероци за идно враќање на Земјата, веројатно до 2031 година.
САД не се единствената земја што во наредните денови планираат да испратат беспилотно вселенско летало на Марс. Кина и Обединетите Арапски Емирати исто така започнаа со изработка на сонди со кои во скоро време би ги испратиле своите астронаути во вселената.