Рециклирана облека за почиста планета

94

Македонските текстилни фабрики годишно произведуваат околу 16.600 тони текстилен отпад, што изнесува 3 проценти од цврстиот отпад на земјата. Поголемиот дел од него се согорува на депониитe, но при уништувањето се ослободува штетниот гас метан

Модната индустрија е еден од поголемите загадувачи во светот. Податоците покажуваат дека текстилниот отпад е двојно зголемен во последните 20 години. Една од причините е потрошувачката треска, некои луѓе носат трипати едно парче и го фрлаат, а постојат разни начини на рециклирање. На пример, просечен Американец фрла околу 80 килограми користена облека по лице, а само 15 проценти од употребената облека на потрошувачите се рециклира. Освен тоа, само на синтетичка облека ѝ требаат стотици години да се распадне. Се смета дека едно лице купува 60 отсто повеќе облека секоја година и половина од неа чува околу 15 години, генерирајќи огромно количество отпад. Но не треба да заборавиме дека речиси 99 проценти од текстилот и облеката можат да се рециклираат, па така повеќе од 70 отсто од светското население користи облека од втора рака. Индустријата за рециклирање текстил во САД отстранува околу 2,5 милијарди фунти постпотрошувачки текстил секоја година од отпадот и создава повеќе од 17.000 работни места. Голем дел од облеката се дава во добротворни цели. И 61 процент од текстилот за еднократно и рециклирање се извезува во други земји. Преку трудољубивите напори за рециклирање на текстилната индустрија и облека, некои од најсиромашните нации во светот можат да ги облечат своите жители. Рециклираната облека обезбедува и еколошки и економски придобивки.
– За изработка на најголем дел од модните парчиња се употребуваат синтетички влакна, кои имаат негативно влијание врз животната средина. Бидејќи, тие се одгледуваат со помош на земјоделските гранки, тоа придонесува за дополнително загадување и искористување на природните ресурси. Производството на памук бара големи количества вода, а од друга страна се употребуваат огромни количества пестициди и други средства, кои сериозно ѝ штетат на животната средина и го загрозуваат човековото здравје – вели Блаже Јосифовски, претседател на асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“.

Тој посочи дека во нашата земја текстилниот отпад не се селектира.
– Има контејнери за собирање облека и текстилни парчиња поставени во Скопје од страна на неколку хуманитарни организации, кои освен за донации, започнаа дел од оваа облека да ја користат за социјална интеграција преку социјални претпријатија, примерот со „Копче“. За жал, најповолните количества текстилен отпад, што доаѓаат од текстилните погони, воопшто не се користат, иако од него може да се добие суровина за производство на градежни материјали, изолација и за дополнување во текстилни суровини. Потребни се нови законски решенија, кои би овозможиле компаниите што работат со овој тип суровини, отпадот да го искористат во производството – вели Блаже.

Според Јосифовски, во Македонија фабриките се соочуваат со голем проблем поради текстилниот отпад, за кој допрва ќе треба да се бара решение.
– Најпрво треба да почнеме со едукативни работилници за промена на свеста кај најмладата популација. Голем проблем претставува и бомбардирањето со различни информации насочени кон младите да купуваат модерна облека, бидејќи тоа е важно за да бидат прифатени од општеството, што брзо се шират преку социјалните медиуми и другите алатки за пренесување информации. Исто така, во дел од поразвиените држави има посебни филтри за спречување на микропластиката, содржана во облеката и другите видови текстил, да влегува во водните ресурси. Големи количества микропластика што со голо око не се гледа, влегува постојано и во нашите тела. Претпоставувам дека ако во поразвиените земји наоѓаат микропластика во човековите тела, директно предизвикани од текстилот (преку водата), тоа сигурно се случува и кај нас, каде што немаме никакво прочистување на водата. Во светски рамки, многу се работи и на органско производство на текстилот, а дополнително се инвестира во капацитетите за реупотреба и рециклирање на текстилниот отпад, што има економска, социјална и еколошка димензија – објаснува Јосифовски.
И дизајнерката Ирина Тошева вели дека новото време носи тенденции што ѝ штетат на околината.

– Порано имаше две модни сезони: пролет/лето и есен/зима. Денес модната индустрија размислува за 52 „микросезони“ годишно. Со новите трендови што излегуваат секоја недела, целта на брзата мода е потрошувачите да купат колку е можно повеќе парчиња облека, кои патем се со толку лош квалитет што се уништуваат и со првото перење. При создавањето на една обична маица таа мора да помине низ неколку раце. Памукот од полето е најчесто посеан, одгледуван и набран од човек. Потоа, конецот е измиен, обоен, вртен на предиво и ткаен (најчесто од машина, но сепак управувана) од човек. Кроењето и шиењето се направени од човечка рака. Пакувањето, транспортот и поставувањето на закачалка е од неколку лица. Помислете на целиот овој синџир од луѓе. Прашајте се за колкава сума работеле сите тие ако вие сега в раце ja држите таа маица и размислувате дали да ја купите за 300 денари. Да се биде одржлив моден потрошувач е многу полесно отколку што мислите – вели Ирина.

Таа информира дека од производството на облека во Македонија, околу 16.600 тони годишно има текстилен отпад, што претставува околу три проценти од цврстиот отпад на земјата. Поголемиот дел од него се согорува на депониитe, но при уништувањето се ослободува метан, штетен гас со ефект на стаклена градина. Додека памучните парчиња се разградуваат околу три месеци, на синтетичките ткаенини, како полиестер и ликра, некогаш им се потребни и стотици години.

– Потрошувачите имаат моќ да ја променат модната индустрија, но повеќето не размислуваат за тоа. Тие што купуваат не се грижат, а тие што се грижат не купуваат. Пронајдете добар кројач со кој ќе ги прекроите старите парчиња од вашата мајка/баба и дајте им нов живот. Не срамете се да купите винтиџ-облека. Организирајте размена со пријателките или донирајте ги парчињата облека што не сте ги облекле последниве две години. Проширете ги видиците и научете нешто повеќе за луѓето што ги создаваат вашите кошули, фустани, панталони… Пронајдете значење во она што го носите. Ова не подразбира губење на трката или жртвување на вашиот моден стил. Тоа е освојување филозофија што ќе ве претвори во совесен граѓанин – додава Ирина Тошева.