Ретро забава за генерациите што никогаш не остареа

169
Фото: Дарко Андоновски

Се е подготвено за саботната ретро забава, насловена според хитот „We are family“ на групата „Систер слејџ“, со која менаџерот и креатор на некогашниот ноќен живот на Скопје Милорад Цаиќ-Цајо сака да нѐ потсети како некогаш пулсираше градот и каква беше забавата во времето кога сите се чувствуваме како една голема фамилија.

– Ме прашуваат во последно време младите зошто порано забавите биле подобри од денешните. Мојот одговор е: затоа што сите бевме како една фамилија. За жал, како да се одродивме во последно време, па затоа јас в сабота ги канам сите што се чувствуваат младо, но ги паметат времињата кога имаше многу повеќе забава, насмевки и среќни лица, да дојдат во арената „А1“, мала сала, на ретро-забавата, наменета за генерациите што никогаш не остареа, со музика од 1970-те, 1080-те и 1990-те години од минатиот век, кога се слушаа најдобрите светски хитови во скопските дискотеки. Ова ќе биде уште една шанса за убава дружба, со мала доза на носталгија – рече Цајо на денешната прес конференција.

За музиката се задолжени познатите диџеи: Вера Јанковиќ, Драган Б. Костиќ, Ерик Фокс и Дела.

– Чест ми е што сум дел до ова семејство, а бев дел и од априлската забава што ја организираше Цајо, во СРЦ „Борис Трајковски“, која зрачеше со фантатсична енергија. Нѐ очекува голема ретро забва, сите што ќе дојдат сигурна сум дека ќе поминат незбаоравно, ќе се навратат на некои спомени од минатото, на едно убаво живеење и тие четири часа ќе имаме кислород, Скопје ќе дише во ритамот на добрата музика. Тоа јас го гарантирам во мојот сет од еден ипол час – рече Вера Јанковиќ.

Драган Б. Костиќ, кој догодина ќе прослави половина век естрадна кариера, исто така изрази задоволство што со своето учество ќе му помогне на Цајо да направи една забава за која ќе се раскажува до следната.

– Музиката не се дели на вчерашна и денешна, но сега над 60 отсто од музиката отпаѓа на кавери. Некогашните хитови добиваат нов лик, со други изведувачи, можеби не толку познати како оригиналните, но исто така добри. Па и јас на саботната забава ќе се обидам некогашните хитови да ги пласирам на еден поинаков начин и сето тоа да биде добро прифатено од публиката – вети Драган Б. Костиќ

Забавата, за која Цајо вети дека ќе направи сѐ за да биде незаборавна, почнува во 21 часот.

М.Т.