Ресторанот „Мекдоналдс“ на кралицата Елизабета Втора повторно е отворен

317

Кралицата Елизабета Втора поседува имот вреден повеќе од 14,5 милијарди евра, кој му припаѓа на британското кралско семејство, во која е вклучена и нејзината сопствена филијала на синџирот за брза храна „Мекдоналдс“, пренесуваат британските медиуми.

Сместен во трговскиот парк „Банбери Гејтвеј“ во Оксфордшир, оддалечен стотина километри од Лондон, ресторанот за брза храна е на земјиште во сопственост на кралицата Елизабета Втора.

Станува збор за прилично лукзузно опремен ресторан, судејќи според фотографиите направени од пред неколку години.

Филијалата „Банбери Мекдоналдс“, која е дел од големото имотно портфолио на кралицата меѓу кои се наоѓаат патеки за трки, хотели, замоци, како и половина од брегот на Велика Британија, е една од многуте што повторно се отвори по укинувањето на ограничувањата поради коронавирусот.

Илјадници љубителите на брза храна се појавиле и чекале ред за да изберат од менито на „Мекдоналдс“, кој претходно беше затворен 10 недели поради пандемијата.

Компанијата соопшти дека се надева оти повторно ќе ги отвори сите 1.019 од нивните филијали низ Велика Британија за услуги како подигање и испорака на храна, со оглед на тоа што се уште е забрането јадење во ресторан.

Според „Бизнис инсајдер“, тоа не е првиот ресторан на „Мекдоналдс“, кој го поседувала кралицата Елизабета Втора, бидејќи таа имала еден што се наоѓал во трговски центар „Бет роуд“, но земјиштето било продадено за 199 милиони евра во 2016 година.