Рачно напишаните стихови на „Hey Jude“ на „Битлси“ продадени на аукција

80

Набрзина рачно напишаните стихови на Пол Мекартни за хит-песната на „Битлси“, „Hey Jude“ за едно студио во 1968 година, продадени се за 910.000 долари, што е деветпати поголема вредност од првичната проценка, соопшти аукциската куќа „Џулиен“, пренесува „Гардијан“.

Оригинална бас гитара со логото на „Битлси“ што се користела за време на првата турнеја на англискиот бенд во Северна Америка во 1964 година, беше уште една главна ставка на аукцијата, продавајќи се за 200.000 долари.

Стиховите и гитарата беа меѓу повеќе од 250 предмети спомени на „Битлси“ понудени вчера на аукција преку Интернет од аукциската куќа „Џулиен“ во Њујорк, по повод 50-годишнината од распаѓањето на групата.

Пред продажбата, специјалистот за музика, Џејсон Воткинс, ги опиша набрзина напишаните белешки на Пол Мекартни за студијското снимање на „Hey Jude“ во 1968 година како многу ретки и вредни.

– Очигледно е дека е станува збор за иконската песна со која сите се запознаени. Овие стихови во ракопис биле користени во студиото како водич кога ја снимале песната – рече Воткинс.

Продажбата требаше да се одржи преку Интернет и во кафебарот „Хардрок“ на Тајмс Сквер во Њујорк, но беше одржана единствено онлајн поради пандемијата на коронавирус, соопшти аукциската куќа.