Рафтинг во пенливите и опасно студени води на Тара

230
Тара, или солзата на Европа, е највозбудлива и животворна река во Европа

Тара е совршена за пловење со чамец или за рафтинг на диви води. Доживување што нуди вонредна енергија за сите што тежнеат кон нов вид емоции

Тара, или солзата на Европа, е највозбудлива и животворна река во Европа. Настанува од две притоки, Опасаница и Веруша, кои извираат од планината Комови во националниот парк „Сутјеска“. Долга е 145 километри и создала кањон долг речиси стотина метри и длабок 1,3 километар. Кањонот Тара е најдлабокиот во Европа, втор по длабочина во светот, веднаш по Големиот Кањон во Колорадо. Долг е 78 километри и длабок 1.300 метри. Има кристално чиста вода со тиркизна боја, која, и како што ни кажаа, по целиот тек може да се пие. Поради својата чиста вода за пиење, богатата растителност и дивите животни, кањонот на реката Тара е под закрилата на УНЕСКО. А на рафтинг-скалата зазема 3.-5. место меѓу најатрактивните реки во светот.
Сиромашна е маркацијата по патот, но со навигација лесно се снајдовме. Штом се исклучивме десно од пред градот Фоча во Босна и Херцеговина почнаа да се привидуваат покривите од камповите наредени по течението на Дрина. Неколку полни со туристи, неколку во изградба. Сите се слични и прават одлична композиција покрај клисурата на Дрина. Се сместивме во кампот „Хајлендер“ опремен со добра организација, гостољубивост, фина храна, природен амбиент…
Авантурата почна со облекување на специјалните костими, заштитен шлем, елече и чевли, во соодветна големина за секого. Пожелно е да се носи костим за капење. Имавме офроуд-тура од еден час низ националниот парк „Сутјеска“ до местото од каде што ни почнуваше рафтингот. Со нас можевме да земеме само пијалак и еден телефон од група, затоа што ни го носи скиперот, водичот на чамецот. Штом се паркиравме на брегот на Тара, имавме кратко предавање како да се однесуваме и мала лекција за рафтинг.

– Седнувате на чамецот отстрана. Стапалата ставете ги под каишите и само на тоа се држите. Го држите веслото под агол од 90 степени и со целата перка веслате под вода. Кога ќе кажам да весла само левата страна, десната престанува, и обратно. На брзаците се весла брзо и со сета сила, на мирни води бавно. Сите го гледате тој пред вас и синхронизирано веслате. Кога ќе кажам стоп, сите ги кревате веслата. И ќе викам многу, немојте да се плашите, и да паничите, се дерам за да ме слушнат и тие напред. Ако се случи да скокнете од чамец, немојте да пливате и да паничите, само раширете ги рацете и кренете ги нозете на површина и чекајте да ве соберам. Залудно е пливањето во брзаците. Бидете сериозни и одговорни. Реката знае да биде опасна, затоа не предизвикувајте ја. Слушајте ме и држете се цврсто – ни кажа скиперот Александар Радановиќ во краткиот вовед.
И најјакото почнува. Бавно се пуштивме по бистрата вода, за да повежбаме веслање. На сите ни беше прв рафтинг. И се пуштивме во првите брзаци. Студенилото веднаш се чувствува. Брановите тресат јако. Скоковите стануваат сѐ поголеми, но благодарение на скиперот умешно се справуваме со нив. По секој брзак има мал одмор на мирни води, кои дозволуваат да ја разгледаме околината. Неверојатно е како мирната и фина Тара за само неколку моменти се претвора во дива убавица. Шумскиот венец од двете страни дополнително ѝ дава свежина на целата траса. Архитектурата на кањонот на Тара е фасцинантна. Волуменот на убавината скока до максимум. По мало разгледување, пак се пуштаме во барабанот на возбудата. Брзаците го скокоткаат адреналинот. Плискаат и брзо возат. Не дозволуваат да фатиме ритам со веслото. А оние првите на кормилото, се случува и во воздух да извеслаат неколкупати од скокот предизвикан од екстремните брановите. Под висока доза адреналин се губи чувството за се околу тебе. Но потребно е фокусот да биде постојано вклучен. Дури и кога водата е питома, ушите треба да се начулени нонстоп кон гласот на скиперот. Нам толку ни се погоди водичот што дополнително ни го збогати рафтингот. Ни раскажуваше за Тара, за кањонот, кој брзак кое име го носи, кој е најопасен, каде најчесто загинуваат, до каде оди водостојот на водата, за тоа како изгледала Тара во минатото, дека имало бетонски мост, кој Тара своевремено го соборила, но и ден-денес има остатоци…

На првите километри од каде што ни почна рафтингот ретко кој организира тури, затоа што тоа е најопасен дел. Но Александар го знае секој брзак напамет, така што безбедноста ни беше загарантирана, секако, доколку сами не ја предизвикаме. Велат реката е моќна работа. Ако се бориш со неа, ќе изгубиш.
Околу една минута траеше рафтингот на реката Пива, па оттука Пива и Тара ја создаваат Дрина. Дознавме дека Дрина нема природен извор. Направивме пауза на еден водопад, кој се цеди од снегот од националниот парк. Студенилото болеше дури сакавме да фатиме некој кадар. И по половина час пауза веќе „навидум“ малку поискусни, самоуверено, похрабро по веќе познатите чекори зазедовме место и позиција на чамецот. Она што следуваше е пливањето во помирниот дел на Тара, каде што водата е поспокојна, но сепак грч ладна. И по неколку километри во еден предел на реката, Александар ни кажа дека брзаците не се опасни, па дека кој сака да искуси пливање по брзаци, тогаш му е шансата. Доживување што не се пропушта. Овде адреналинот ја превртува стрелката. Ледената вода и возбудата прават таков коктел од емоции што телото ти е будно до максимум. Се создаваат нов вид емоции.
Откако реката ќе се смири, се враќаш при себе, и бараш спас од кочан ладните допири на водата. Следна станица кампот. И така 20 километри рафтинг во неполни два часа ти прават пауза од реалноста.


Во април и во мај брзаците се најбрзи и најбучни

Тара е природна граница меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но последните 40 километри од реката и кањонот на Тара минуваат низ Босна и Херцеговина, Република Српска. Во Шчепанско Поле, заедно со реката Пива, се формира реката Дрина. Во април и во мај, благодарение на топењето на снеговите, како на секоја планина, така и овде, водостојот на реката е најголем, а оттука и брзаците се најбрзи и најбучни. Пенливи и опасно студени. Реката е совршена за пловење со чамец или за рафтинг на диви води. Доживување што нуди вонредна енергија за сите што тежнеат кон нов вид емоции.