Расветлена мистеријата за „Голата Мона Лиза“?

189

Цртеж со впечатлива сличност со „Голата Мона Лиза“, чија изработка долго му е припишувана на студиото на Леонардо да Винчи, можеби е дело на италијанскиот сликар, според експертите на музејот „Лувр“, објави британски „Индепендент“. 

За цртежот изработен со јаглен, на кој е претставена полугола насмеана жена, претходно се сметаше дека е дело на друг уметник кој творел во исто време како и Да Винчи. Се верува дека скицата позната како „Мона Вана“ претставува подготвителен цртеж за маслена уметничка слика. Таа досега не се поврзуваше со Да Винчи поради присуството на детали изработени од деснорак автор. Да Винчи е еден од најпознатите левораки уметници. Но, повторното испитување откри дека голем дел од работата всушност бил изведен од некој леворак. 

– Постои голема веројатност дека Да Винчи направил значителен дел од цртежот. Ова е дело од голем квалитет направено од извонреден уметник – вели кураторот во Лувр Матју Делдик, кој го предводеше седумесечното испитување на цртежот.

Тој, сепак, истакнува дека не постои потполна сигурност дека цртежот е дело на Да Винчи, што можеби никогаш нема да биде откриено.