Ракописот на познатиот физичар Алберт Ајнштајн, во кој тој ја подготвувал својата општа теорија на релативноста, е продаден на аукција во Париз за рекордна сума од 11,6 милиони евра, пренесе „Асошиејтед франс прес“.
Првичната процена на ракописот на Ајнштајн била меѓу два и три милиони евра.
– Ракописи на Ајнштајн од областа на науката од тоа време и воопшто пред 1919 година се исклучително ретки – истакнале од аукциската куќа во најавата за наддавањето.
За разлика од претходните продадени ракописи, ова бил работен ракопис, што е посебна реткост. Станува збор за ракопис на 54 страници, уреден во 1913 и 1914 година во Цирих, Швајцарија, од германски физичар и неговиот соработник Микеле Бесо.
Претходни записи од некои од ракописите на Ајнштајн биле продадени за пониски суми, како „Писмо за Бога“, кое било продадено за 2,4 милиони евра во 2018 година, додека, пак, во 2017 година во Ерусалим писмото „Тајната на среќата“ било продадено за 1,39 милион евра.