Разновидна мартовска програма на Кинотека

176

Јазикот што го говорат јунаците во филмовите може да биде најразличен, може да биде и без говор, со пантомима, а може да биде и со свиркање. Со таков „свиркачки“ јазик започнува мартовската програма на Кинотеката на Македонија. Прва е проекцијата на „Свиркачи“ на Корнелиу Порумбоју, кој уште еднаш ја докажува тезата дека добра идеја за филмска сторија може да обедини неколку јазици, продуцентски куќи од неколку европски земји, а заплетот да се изгради околу вештината да се комуницира со измислен јазик со помош на свиркање, со сите граматички и морфолошки карактеристики.

Во 11 термини кон крајот на март, ќе имаме уникатна можност да погледнеме 10 реставрирани филмови со „малиот“ скитник на големиот Шарло на ДЦП-формат, како и 4 кратки играни филмови на 35 мм од архивската збирка на Кинотеката.
Средината на месецот е резервирана за промоција на ДВД-изданието на пет дигитално реставрирани македонски играни филмови: „Македонскиот дел од пеколот“ во режија на неодамна починатиот Ватрослав Мимица, „Три Ани“ на Бранко Бауер, „Жед“ на Димитрие Османли, „Татко (коланати сме Ирина)“ на Коле Ангеловски и „Хај-фај“ на Владимир Блажевски. Овие пет домашни наслови, своевидни сведоци на растежот на македонската кинематографија во период од речиси четири децении, ќе имате можност уште еднаш да ги погледнете во дигитално реставрирано руво.

Март, секако, е месец и во кој се одбележува Меѓународниот ден на жената, 8 Март. Две вечери на програмата на Кинотеката се посветени на Вечерите на женски права, со два филмски наслови, кои ја преиспитуваат денешната положба на жената: „Куќа на малата ѕвезда“, документарен филм на хрватската режисерка Слаѓана Лучиќ и „Отворена врата“, игран филм во режија на Флоренц Папас. И двата филма се со силен критички набој, без разлика на различната документарна и играна структура, во пресметката со општествените клишеа наменети за понежниот пол.

Македонската документаристика има нов адут: насловот „Гребнатинки на душата“ во режија на Александар Манасиев, кој е фокусиран на веројатно најбогатата колекција на македонско музичко наследство, кое внимателно се чува, дигитализира и архивира во домот на семејството Ендендајк во Суст, Холандија. Документаризмот и експерименталната филмска форма се присутни и во други наслови во мартовската филмска програма: „Каде си Жоао Жилберто“ во режија на Жорж Гашо, портрет на највлијателниот музичар на правецот боса нова, а „Писма до Пол Морисеј“ во режија на Арманд Ровира и Саида Бензал ќе одговори на прашањето околу улогата на „таткото на треш-културата“ и соработник на поп-арт кралот Енди Ворхол и бендот „Велвет андерграунд“ во обликувањето на андерграунд-сцената од крајот на минатиот век.

Средината на месецот е резервирана за нов поглед во современата турска кинематографија низ „Денови на турскиот филм“. Филм по избор на институтот „Гете“ е „Во диско филинг“, игран филм во режија на Аксел Раниш и Рене Римкус, а низ целата месечна програма се присутни и филмски наслови од поновата европска и светска кинематографија, како составен дел на арт-кинопрофилот на Кинотеката.