Разладувањето ќе биде привилегија на богатите

219

Додека Европа ова лето се соочува со топлотен бран и температури повисоки од вообичаеното, ваквите временски услови и температури над 40 степени се вообичаени за Багдад, другите градови во Ирак и на Блискиот Исток. Меѓутоа, за разлика од Европејците, поголемиот дел од Ирачаните не можат да си дозволат да се разладат со клима-уреди поради повеќе различни причини. Кризата со електричната енергија и големата сиромаштија им оневозможува на луѓето од овој дел на светот да си ја дозволат оваа „привилегија“, пренесе српска „Политика“.

Експертите предупредуваат дека во иднина ова нема да биде проблем само за земјите на Блискиот Исток, туку дека веќе постои неедаквост во можностите за разладување и тоа е глобален проблем кој ќе стане уште поизразен со глобалниот раст на температурите.

Според експертите, климатските промени се манифестираат со продолжените топлотни бранови, нередовни врнежи на дожд и температури над вообичаениот просек. Предвидувањата велат дека просечната годишна температура на земјата ќе се зголеми за цели два степени Целзиусови до 2050 година.

Слично вели и извештајот на Обединетите нации (ОН), кој предупредува дека светот се движи кон „климатски апартхејд“, во кој богатите ќе плаќаат за да ги избегнат екстремно високите температури, недостатокот на храна и воените судири, додека остатокот од светот ќе биде оставен на страна.

Податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) покажуваат дека скоро 2,8 милијарди луѓе живеат во држави со просечна дневна температура над 25 степени Целзиусови, а помалку од десет отсто од нив имаат клима-уреди. Агенцијата предвидува дека до 2050 година, 1,9 милијарди луѓе кои живеат во земји со високи температури нема да имаат пристап до уред за разладување на просториите.

– Топлотниот бран во Европа во 2003 година предизвика дополнителни 70.000 смртни случаи. Помалку од пет отсто од европските домаќинства имаат клима-уреди. Зголемената побарувачка на климатизери би можело да предизвика зголемување на глобалната побарувачка за струја во следните децении – проценува ИЕА.

Зголемувањето на температурите ќе влијае и на работното време, па така, според проценките на некои организации, бројот на работни часови до 2030 година ќе се намали за 2,2 отсто.