Промоција на документарното видео за доајенот Благоја Дескоски

61

Одбележувањето на 20-годишнината на архивот „БузАр 2000-2020“ („Архив Бужаровски“) на кое премиерно ќе биде прикажано документарното видео за доајенот на македонската народна музика, виолинистот, аранжер и композитор Благоја Дескоски, ќе се одржи утре, во 12 часот, во малата концертна сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Најновото документарно видео за доајенот на македонската народна музика Благоја Дескоски е дел од проектот за реконструкција на настаните од втората половина на минатиот век и особено за дејствувањето на Малиот народен оркестар при Радио Скопје. Овој оркестар, чиј нераздвоен дел е Благоја Дескоски, има одиграно клучна улога во обликувањето на македонската народна и традиционална музика. Покрај Димитрије Бужаровски во изработката на ова видео учествуваше и вонредната професорка д-р Трена Јорданоска.

Овој проект, како и целата дејност на „БузАр“, е изведена само со огромниот ентузијазам на неговиот основач и одржувач Димитрије Бужаровски и групата професори и студенти од ФМУ, кои учествуваа во неговите многубројни проекти.