фото Игор Бансколиев

Група етузијасти од Скопје, здружени во ББ Класик Карс, денеска промовираа македонски електричен автомобил наречен ЗАС Г20.

Станува збор за реставрирано „фиќо“, во кое е вграден електричен мотор, батерии и сета останата опрема потребна за конверзија на бензинскиот во електричен погон.

Возилото е придвижено од 20 киловатен мотор, има нулта емисија на јаглерод диоксид, а со едно полнење на батериите може да помине до 150 километри, во зависност од начинот на возење. Максималната брзина му е ограничена на 130 километри на час.

Батериите се полнат за три до три и пол часови на домашен мрежен приклучок, додека на брз еднонасочен полнач полнењето одзема 15 минути.

– Со своите карактеристики и квалитет ЗАС со ништо не заостанува зад светски реномираните производители на мали електрични автомобили – вели Ален Јегени од ББ Класик Карс, при тоа додавајќи дека станува збор за поевтин автомобил од оваа класа. С.Т.