Промовирана „Небесна геометрија“ од Андреј Ал-Асади

21

Андреј Ал-Асади несомнено е еден од најпрепознатливите гласови во младата македонска поезија. Се појави тивко со своето средношколско првенче „Миднајт блуз“, а веќе со „Под дервишовото сиќе“ влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“. „Небесна геометрија“ е негов трет поетски ракопис, кој логично се надоврзува на претходната книга.

– Оваа книга изобилува со поетски слики што ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења, а она што е напишано во песните е очигледно доживеано некаде во внатрешните светови на лирскиот субјект и тоа ги прави веродостојни и привлечни за читателот. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референции кон источната филозофија, онаа далекоисточната, индиската, но и референции кон арапската култура – вели Ѓоко Здравески за книгата промовирана вчера во МКЦ.