Пролетна временска прогноза за Европа

135

Широко распространетиот недостиг од ладен воздух низ цела Европа оваа зима ќе продолжи и во пролетта, бидејќи голем дел од континентот се соочува со топлина над нормалната, објави метеоролошкиот сервис „Акуведер“. Неповолни временски услови, суша и периоди на бурно време, исто така, се очекуваат во многу земји од март до мај.
Додека за континентот како целина се предвидуваат температури над нормалните, најчестите и најдолги епизоди на топлина ќе се почувствуваат од Пиринејскиот Полуостров до Германија и јужните делови на Велика Британија. Честата топлина ќе биде придружена со изобилство на сончева светлина, дозволувајќи им на луѓето да поминуваат повеќе време на отворено отколку во последните години.

– Оние што поминуваат повеќе време надвор, ќе се соочат со ран почеток на сезоната на алергии, бидејќи продолжената топлина предизвикува рано расцветување на пупките и зголемување на поленот – вели метеорологот Тајлер Ројс.
Земјоделството исто така може да има корист од топлото и главно суво време, бидејќи земјоделците ќе можат да засадат земјоделски култури побрзо од нормалното.
– Се очекува во делови од Португалија и од Шпанија на моменти во текот на месец мај температурата да биде како во лето. На многу локации повеќето денови ќе бидат со температури близу или над 32 степени Целзиусови – истакнува Ројс.

Најжешките локации во Шпанија може ќе достигнат температури и до 38 степени кон крајот на мај или почетокот на јуни. Во Лондон, пак, температурите ќе достигнат до 27 степени пред крајот на мај. Додека топлината ќе биде пречекана од повеќето луѓе во текот на претстојната пролет, тоа од друга страна ќе го зголеми и ризикот од неповолни временски услови. Севкупно, се предвидува влажна и бурна пролет, со повремени бури, кои ќе се движат низ Западна и Централна Европа. Локациите од Франција до Белгија, Холандија, Германија и северозападна Полска ќе бидат со најголем ризик за невреме. Силни ветрови, град и поплавување ќе бидат најверојатните ризици од овие невремиња, но неколку од најсилните може да создадат и торнада. Силниот ветер, исто така, може да доведе до значителни одложувања на патувањата и прекини на електричната енергија.

– Една позитивна работа од повременото бурно време ќе бидат врнежите од дожд што ќе помогнат при влажноста на почвата и, исто така, ќе го спречат нивото на речното корито да не се намали пред летните месеци – објаснува Ројс.
Сепак, секое силно невреме проследено со грмотевици може да претставува ризик за земјоделските култури во форма на поплави и ветрови.