Програма за препознавање на лицето помеша 28 конгресмени со лица од потерници

40

Програма за препознавање на лицето која ја продава компанијата „Амазон“ погрешно идентификувала 28 членови на американскиот Конгрес како лица по кои полицијата има распишано потерници.

Ова е утврдено при проверка извршена од страна на Американската унија за граѓански слободи, при што се наведува дека постои опасност доколку властите почнат да ја користат технологијата при гонењето на криминалците.

Од „Амазон“ одговорија дека не ја прифаќаат проверката, бидејќи несоодветно се поставувани параметрите при нејзиното извршување.

Меѓутоа, Американската унија за граѓански слободи и други невладини организации инсистираат компанијата да престане со продажба на софтверот „Рекогнишн“ на властите.

Организациите за заштита на граѓанските права како пример ја наведуваат неговата употреба од страна на властите во сојузните држави Орегон и Флорида и предупредуваат за негова неадекватна употреба кон имигрантите, но и кон луѓето кои немаат бела кожа.

Неговата употреба предизвика јавна дебата, а компанијата „Мајкрософт“ побара од Конгресот да ги разгледа формите за регулација.

Тројцата демократи, кои беа идентификувани при проверката – Едвард Марки, Луис Гутиерес и Марк Десолние испратија писмо до основачот на „Амазон“, Џеф Безос, во кое изразија загриженост и побараа информации за технологијата и нејзината употреба од страна на властите.