Проблесоци на македонската музичка сцена

136
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лозано го направи првиот концерт, Дани прослави 20 години музичка кариера, Каролина повторно воодушеви со концертите во Македонската филхармонија, концертот на „Љубојна“ беше безвременско музичко патување, Тони Зен издаде албум, „Фолтин“ исто така, а Петар Ренџов го сними оригиналниот албум „Џезилка“… Тука се и „Антиарт“ со нов албум, бендот „Плутос даутс“, кој веќе е на топ-листите, „Фанк шуи“ со сериозна продукција на видеоспотови и организирани настапи, „Дупер“… Еден од тие проблесоци е новиот проект на Тошо Филиповски – првиот том од „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“ и две дискографски изданија

На македонската музичка сцена владее позитивна клима, но сѐ уште треба многу да се работи за таа да доживее подем како во некои минати времиња, сметаат домашните музичари и проследувачи на естрадата.

– Драго ми е што осмата сезона на емисијата „Стисни плеј“ беше исполнета со одлични музички содржини. Сето тоа е резултат на неколкугодишни претходни заложби на одредени поединци и креативци што не дигнаа раце од македонската музика кога беше најтешко и упорно твореа. Истиот став го имаме и ние како екипа, секогаш сме верувале во македонската музика и осум сезони не случајно ја следиме со внимание, затоа сум и многу горда, особено на успесите на неколку луѓе – вели Александра Јовановска, уредничка и водителка на емисијата „Стисни плеј“ на Македонската телевизија, една од ретките кај нас што ја поддржува домашната музика.
Сепак, таа не верува дека драстично е сменета состојбата, само е сменет односот на нашите творци кон својата работа – мора да продолжат да творат и во моменти кога не добиваат аплаузи или не се доволно платени за тоа.

– Една песна не прави пејач, иако многу пејачи повторно останаа на песна-две во годината. Од некои не слушнавме ни толку, но затоа бевме сведоци конечно на првиот концерт на Лозано, Дани прослави 20 години од својата музичка кариера, Каролина повторно воодушеви со концертите во Македонската филхармонија, концертот на „Љубојна“ беше безвременско музичко патување, Тони Зен издаде албум, „Фолтин“ исто така, а Петар Ренџов го сними оригиналниот албум „Џезилка“… Да не го заборавиме и најдобриот пласман на Македонија на „Евровизија“ благодарение на Тамара Тодевска и тимот зад песната „Proud“ – вели Јовановска.
Таа дополни дека и македонската музичка андерграунд-сцена е одлична.

– Младата генерација таленти сериозно ја менуваат и прават интересна нашата музичка сцена. Ќе ги издвојам групата „Антиарт“, која издаде прекрасен албум, бендот „Плутос даутс“, кој веќе е на топ-листите, а до вчера ретко кој имаше слушнато за нив, тука е и „Фанк шуи“ со сериозна продукција на видеоспотови и организирани настапи, па дури и „Дупер“. Не ни недостига креативност и имаме одлични музички таленти, само публиката да биде малку пољубопитна, да слуша, да ја осознава македонската музика и да не го пропушта времето во кое живее – оптимистка е Јовановска.
Кантавторката Наташа Крстевска-Мијата, исто така смета дека македонската забавна сцена доживува ренесанса.

– Времето нѐ филтрира нас, повозрасните изведувачи, а публиката е подготвена да ги прифати новите правци на помладите артисти. Македонската забавна музика никогаш не звучела толку светски и растоварено од претходно наметнатите форми. Останува сега да добиеме поголема поддршка од телевизиите, кои би можеле да одвојат термин меѓу турските серии и српските реални шоуа и за музика – вели Мијата.
За Игор Узунов, естраден уметник, и покрај позитивните трендови во домашната естрада, сѐ уште не е време за славење.

– Македонската популарна музика, која своевремено беше синоним за модерна и влијателна, не само меѓу поранешните југословенски републики туку и на Балканот, сѐ уште е далеку од она што беше. Креативноста и инвентивноста кај голем дел од композиторите е засенета од самиот факт дека не само што производот (композицијата) што ќе го создадат не стигнува до публиката, најверојатно поради слабо емитување, туку и поради тоа што кај публиката веќе е добро инјектиран турбо фолкот, кој е најприсутен во медиумите – категоричен е Игор.
Според него, фестивалите на забавна музика нудат квалитет, меѓутоа и тие се фрлени во сенка.

– Хит мејкери има, одлични песни исто така, но и селекција по медиуми на „наши и ваши“. Државата не се занимава со македонската естрада, не ја поттикнува, поддржува, ниту пак ја штити. Конечно некој треба да почне да се занимава и со естрадата, која како своевиден амбасадор на земјава е културна алатка за запознавање на другите со она што е наше. Ете, Тамара одржа лекција. Да поттурнеме сите и да кинисаме конечно – вели Узунов.

 

И за Иван Бечковиќ, музички новинар и претставник на „Кроација рекордс“ во Македонија, сѐ уште не се дојдени подобри денови за македонската музика.
– Не постои голем дискограф, дистрибуција, интерес за такво нешто… Постојат некои изблици, но далеку се од нешто сериозно. „Кроација рекордс“ годинава објави три интересни македонски изданија: Влатко Стефановски во живо од Лисински, на блу реј и цеде, „Бест оф“ на Љубојна, како и „Извор“ на Каролина, кој конечно му е достапен на регионот. И уште многу изданија, кои се феноменални, чекаат да ја видат светлината на денот. Ќе се најде ли некој доблесен да им помогне? Би било добро. Оти, песната наша, македонска, не смее да згасне – категоричен е Бечковиќ.

Еден од тие изблици е новиот проект на Тошо Филиповски – првиот том од „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“ и две дискографски изданија, „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?” и „Има ли забава“, избор од 12 песни што го одбележаа новиот бран од 1981 до 1985 г. Со голем ентузијазам Филиповски успеа да зачува дел од историјата на македонската популарна музика бидејќи, како што вели, тоа е потребно за издигнување на нивото на препознатливост на македонската музичка сцена и на нејзината продукција.