Припитомена срничка живее со семејство во село Белица

5020

Кога пред 18 месеци срниче во беспомошна состојба и старо едвај шест дена, го пронајде жител на село Белица во планината, препуштено на законите на природата, никој не можеше да претпостави дека тоа безнадежно животинче, после година и половина ќе се претвори во вистински убавец, на кого хуманиот Кире му стави и име по кое и самото срнче се препознава.

Срничето до тој степен се сродило со семејството на Кире, што денес сите живеат во хармонија.

– Од денот кога срнчето го пронајдов во планината изминаа година и половина и одттогаш срничката доживеа многу промени. Значително порасна (20 кг) и се претвори во вистинско совршенство на природата, со сета питомост и убавина што ја поседува. По цел ден се милува и се труди што подолго да биде во наша непосредна близина, иако добар дел од денот слободно шета низ нашиот двор. Дека до тој степен е сродено со нас, ќе потврди следниот пример. Еднаш, исплашено од селските кучиња, без ние да знаеме, го напуштило дворот и кога поверувавме дека повикот на дивината проработел и кај нашето срнче, тоа нѐ изненади. По два дена кога утрината се подготвував да излезам од дома, на влезната врата се појави срничката и бестрашно ми пријде и просто не сакаше да се оттргне од мојата прегратка – вели Кире, кој до таа мерка води сметка за прехраната на срничето, што во неговиот дом постојано има доволна залиха на прехранбени продукти омилени на нивното срнче.

– Во изминатите 18 месеци целосно ја совладавме тајната што најмногу сака да јаде и затоа редовно се снабдуваме со моркови, банани, цвекло и житарки, кои се најзастапени во неговото мени. Изминативе два месеци редовно со себе носам полни џебови ореви, кои ги кршам и со јатките го хранам нашето милениче, кое ни стана толку верно што не можеме да се замислиме едни без други. Не знам како ќе се одвиваат работите понатаму, но додека сум жив спомените на преубавото срнче ќе ги носам во себе и таа слика на нашата дружба во мене никогаш нема да избледне – додава Кире, кој својот дом го подготвува за зима, како за неговото семејство, така и за прекрасното животинче, на кое му подготвува посебна просторија каде ќе ноќева и каде во студените периоди ќе го поминува времето.
До пред извесно време срничката ноќеваше заедно со домаќинот.