Припадниците на племето Чимане во Боливија имаат најздрави срца на светот

163

Оризот, пченката, како и маниоката и бананите, претставуваат главни намирници за нив. Речиси целото време додека се будни овие луѓе го поминуваат на нозе – работејќи, стоејќи или шетајќи. Тие се повлекуваат во своите колиби веднаш по заоѓањето на сонцето, а половина час подоцна, целото село е во длабок сон

Стотици километри од главниот град на Боливија, Ла Паз, се наоѓа селото Чимане, како што се нарекува и племето што живее во него. На самиот раб на амазонската прашума живеат нешто повеќе од девет илјади луѓе, кои претставуваат вистински здравствен феномен во 21 век, бидејќи не страдаат од срцеви болести. Токму затоа, американската телевизија Си-ен-ен се упати во Амазон, во посета на племето, со намера на светската јавност да ѝ ги пренесе „животните лекции“ од овие долговечни луѓе, кои не знаат што е инфаркт. Сторијата опфаќа три аспекти за здрав живот – исхраната, активностите и одморот.

– Пред неколку години прочитав извештаи за домородното племе што живее длабоко во амазонската прашума, меѓу чии припадници речиси воопшто не е забележана појава на срцеви заболувања. Всушност, истражувачите заклучиле, врз основа на едногодишна студија за племето Чимане, дека тие луѓе ги имаат најздравите срца на светот, титула што претходно беше во сопствеништво на жените од Јапонија. Спречувањето на срцевите заболувања е тема за која постојано размислувам, земајќи ја предвид семејната историја со срцеви заболувања. Како и многумина бев загрижен дека тоа ме очекува и мене. Па, така, минатото лето одлучив да отпатувам во една од најсиромашните јужноамерикански држави, Боливија, за да го изучам она што тие можат да му го понудат на светот за спречување на срцевите болести – вели д-р Санџај Гупта, кој известува за американската телевизија Си-ен-ен.

Тој мислел дека најголемиот дел од исхраната на племето Чимане се засновува на растителни или на протеини од животинско потекло. Но го дознал спротивното, дека нејзина основа се јаглехидратите. Оризот, пченката, како и маниоката и бананите, претставуваат главни намирници за нив. Ваквиот начин на исхрана се должи на потребата за одгледување на овие култури, бидејќи племето тешко би се прехранило надвор од сезоната на ловот.

Нивната храна не е процесирана, не е рафинирана, нема дополнителен шеќер, ниту сол. Природните јаглехидрати се основата на она што го јаде племето Чимане, додека нивната исхрана се состои и од 15 отсто масти и 15 отсто протеини, како и двојно повеќе влакна од исхраната на просечниот Американец. Исхраната е богата и со микронутриенти како што се селенот, цинкот и магнезиумот. Повремениот пост, кој претставува хит меѓу оние што ги следат фитнес-трендовите, вклучен е во културата на амазонските племиња, бидејќи се ограничени со количеството намирници.

Речиси целото време додека се будни овие луѓе го поминуваат на нозе – стоејќи или шетајќи, бидејќи ловот е долготраен процес. Жителите на ова село во просек прават по 17 илјади чекори дневно. Мажите ловат, а жените и децата се занимаваат со работа во поле. Меѓу нивните тамошни активности, се вклучени и оние со висок интензитет, како и работа со кревање товар, што претставува кардиотренинг, што денес е најпопуларен начин на вежбање. Разликата се состои во тоа што тие не поминуваат еден час во затворена вежбалница, туку тоа за нив претставува целодневен процес. Згора на сѐ, тие често играат фудбал.

Одморот на луѓето со најздрави срца зависи од количеството сонце. Тие се повлекуваат во своите колиби веднаш по заоѓањето на сонцето, а половина час подоцна, целото село е во длабок сон. Според забележувањата на репортерот, во отсуство на уреди во кои може да се зјапа, мирно се спие. Времето во текот на денот го поминуваат заедно, смеејќи се додека ги споделуваат доживувањата.

Но и со навидум идиличниот живот, животниот век на овие луѓе и натаму е понизок од оној на луѓето во САД. Несоодветната медицинска грижа, каснувањата од змии и нападите од други животни им го намалуваат животниот век на овие луѓе.

Оддалечени со километри од цивилизацијата, далеку од светлата на градовите, живеат луѓето што не страдаат од срцеви болести. Тоа претставува потсетување оти богатството и изобилството не купуваат здравје, односно во денешниот свет болестите одземаат толку многу животи иако луѓето живеат во многу подобри услови од племето Чимане.