По двете успешни сезони на играната серија „Преспав“, во очекување на новите епизоди од третата сезона, телевизиските гледачи од понеделник репризите ќе можат да ги гледаат на Првиот канал на МРТ, секој работен ден во 21.15 часот, а репризите ќе се емитуваат во 16 часот.

Освен на телевизиските екрани, посетеноста на јутјуб-каналот на серијата достигна над 4 милиони прегледи. Големата популарност, меѓу другото, се должи и на тоа што во серијата на хумористичен начин се отсликува македонското општество во долготрајниот период на транзиција, со надеж дека еден ден и ние ќе стигнеме пред вратите на Европската Унија.

Актерската екипа од првата сезона, Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Владо Јовановски, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски и Адриан Азири, постојано се дополнува и се освежува со нови ликови.
ТВ-серијата „Преспав“ е во продукција на „ОХО“, а се реализира со поддршка на Европската Унија. Продуцент е Пеце Талески, а режијата е на Игор Иванов.

Режисери на епизодите се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Елеонора Венинова и Даријан Пејовски. Сценаријата се на: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Венко Андоновски и Димитар Банов. Директор на фотографија е Наум Доксевски, а монтажата е на Сашко Потер Мицевски. Музиката е на Мите Димовски.