Прв меѓународен фестивал на литература за деца

76

За време на одржувањето на годинашниот Меѓународен саем на книгата во Скопје, во салата „Борис Трајковски“ од 8 до 12 мај, ќе се одржи и првиот меѓународен фестивал „Биди дете“. Организатори се издавачката куќа „Феникс“, фондацијата „Македонија презент“, Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност и здружението „Интеракција плус“. На овој фестивал рамноправно ќе учествуваат и децата и возрасните, а за таа цел ќе бидат распишани два конкурса, за најдобра ликовна творба и најдобра литературна творба на тема „Биди дете“. Конкурсот ќе биде отворен на 5 април и ќе трае до 30 април.

Предвидена е богата програма, и тоа: тркалезна маса на тема „Литературата за деца овде и сега“, ликовна изложба и работилница, гостување и претставување на писатели од странство, настап и претставување на македонски писатели и на деца литературни и ликовни творци, натпревар во рецитирање поезија за деца од Ванчо Николески, Васил Куноски и Видое Подгорец, доделување на меѓународната награда „Јуниор“, средба и претставување на илустраторот на изданија за деца и млади Миле Топуз, прогласување на најдобрите ученици читатели, прогласување на авторите на најдобрите есеи на тема „Писателите и книгите што најмногу ги сакам“, промоција на книгата „Кога големите беа мали“ и на изданијата „Чекор по чекор до правилен говор“ и „Како до правилно, брзо и лесно учење низ игра“.