Првпат пронајдени фосилни остатоци од пердуви на диносаурус

72

Пронајдените древни перја покажуваат како малите месојадни диносауруси ги преживувале долгите студени зими во арктичкиот круг пред 118 милиони години

Десет добро зачувани фосилни пердуви откриени во Австралија ги даваат првите цврсти докази дека постоеле пердувести диносауруси на половите на Земјата, како што тврдат палеонтолозите во своето истражување, кое ќе биде објавено во списанието „Гондвана рисрч“.
Пердувите датираат од пред 118 милиони години, од раниот период креда, кога Австралија се наоѓала многу појужно и била соединета со Антарктикот, при што заедно ја формирале јужната поларна ледена маса на Земјата. Иако климата била потопла тогаш за разлика од условите на денешен Антарктик, пердувестите диносауруси веројатно повеќе месеци живееле во темнина и на многу студени температури за време на зимите. (До крајот на овој период, Антарктикот бил доволно топол што јужноамериканските четириножни диносауруси минувале низ јужната поларна област за да дојдат до Австралија.)

Коавторот на истражувањето и палеонтолог на универзитетот „Упсала“ во Шведска, Бенџамин Кир, вели дека „сега првпат биле пронајдени фосили на пердуви во поларните области. Нивното откритие првпат покажува дека во поларните области во минатото живееле разни видови пердувести диносауруси и примитивни птици што можеле да летаат“.

Иако претходно во поларните области беа пронајдени коски од птици од ерата на диносаурусите, досега не беа откриени фосили на пердуви. Фосили на истребен вид пингвини беа откриени во Перу, но тие потекнуваат од пред 36 милиони години, кога таа копнена маса се наоѓала посеверно.

Пердувите од овој период на мезозоикот во Австралија се значаен податок за тоа каква функција имал покривниот слој кај животните, од ритуали на парење до борби. Во овој случај, пердувите имале важна улога во заштитата, па, така, малите месојадни диносауруси можеле да ги преживеат тешките зими, кои траеле со месеци.

Рајан Мекелар, експертот за фосилни пердуви и кустос во кралскиот музеј Саскачеван во Реџина, Канада, се согласува дека пердувите им помагале на диносаурусите и примитивните птици да ги преживеат суровите временски услови во периодот креда од мезозоикот.