Прво рели со олдтајмери во Скопје

48

Под покровителство на општината Центар денеска во Скопје ќе се одржи целодневната манифестација „Олдтајмер рели Скопје 2018“. Ревијата, чиј почеток е закажан во 10 часот во Дебар Маало, се состои од два дела. Првиот е изложба на олдтајмер-возила и мотоцикли, со учество на 20 странски и 35 домашни претставници на ексклузивни стари возила поделени во два периода до 1970 година и од 1971 до 1984 година. Автомобилите ќе бидат оценети и наградени од стручна техничка комисија.

Вториот дел е олдтајмер-рели, кое првпат се организира во Скопје. Стартот е во 12 часот и целта е пред општината Центар, по точно одредена маршрута со претходно изработена патна книга. Возилата ќе бидат поделени во две класи, а победниците ќе добијат пригодни награди.

Во 13 часот ќе има и изложба на олдтајмери во „Скопје сити мол“, а според програмата во 15 часот организаторите ќе ги прогласат најдобрите во категориите за најстаро возило, најоригинално реновирано и на кабриолет-возила.