Првата божиќна картичка стара 177 години се продава на аукција

151

Се продава првата отпечатена божиќна картичка за комерцијална употреба, стара 177 години, која била оценета како скандалозна. На неа е прикажана весела сцена со англиско семејство од викторијанско време. Таа се појавила во Англија во 1843 година. Семејството на картичката му наздравува на примачот со чаши со црвено вино, со порака „Среќен Божиќ и среќна Нова година“, пренесува „Асошијетед прес“.

– Пуританците биле прилично вознемирени затоа што на оваа скандалозна слика има деца кои наздравуваат заедно со возрасните, а едно дете дури и пие голтка од чашата на возрасна жена. Имало кампања да се цензуирира и поминале дури три години пред да излезе друга божиќна картичка – изјавил Џастин Шилер, сопственикот на антикварницата во Њујорк која ја продава картичката.

Биле отпечатени само 1.000 примероци, кои се продавале за еден шилинг. Експертите сметаат дека останале помалку од триесет.

Картичката ја дизајнирал сликарот и илустратор Џон Калкот Хорсли според идеја на британскиот државен службеник и иноватор, сер Хенри Кол, кој го основал лондонскиот музеј „Викторија и Алберт“. Кол е заслужен за започнувањето на традицијата за испраќање празнични картички, индустрија која денес вреди милијарди долари.

Се верува дека е пуштена во продажба истата недела во декември 1843 година, кога било објавена првото издание на „Божиќната песна“ на Чарлс Дикенс.

Аукциската куќа „Кристис“ во Лондон исто така продава еден од ретките примероци на картичката, и очекува да достигне цена од 6.725 до 10.800 долари.