Правиме добри дела и растеме заедно

406

На популарната отворена сцена Школка во Градскиот парк во Скопје, вчера претпладне се случи големото и благородно дружење за ширење добрина и хуманост.

Настанот „Правиме добри дела и растеме заедно“ беше во организација на женската хуманитарна организација „Инер вел клуб Скопје Европа“ и на невладината „Аутизам МК“.

Имено, веќе трета година Македонија е дел од најголемото глобално движење наречено „Продолжи понатаму“, кое се одбележува на 28 април, месец посветен на издигнување на свеста за аутизмот.

Имаше богата програма, пред сѐ, наменета за најмладите, со учество на многу јавни личности, музичари, уметници, а истовремено се одржа и ликовна работилница, а имаше и живи статуи, пантомимичар и изложба на цртежи.

Организаторите на овој настан, кој беше многу посетен, испратија единствена и уникатна порака за ширење на добрината, за прифаќање на различностите и емпатија меѓу луѓето.

Голем број компании и институции несебично ја дадоа својата поддршка за организација на овој настан верувајќи дека инклузијата и добрината се единственото што може да го направи светот поубаво место за живеење. М.Т.