Правењето сливова ракија – традиција што не запира

121
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не паметиме дали некогаш сме добиле попивка и побистра сливова ракија од онаа што ја добивме оваа есен, вели Цане Ѓорѓијоски од селото Лавчани

Жителите од кичевско-бродскиот регион привршуваат со варењето ракија од сливи и ги сумираат резултатите од годинашната реколта.
По минатогодишниот рекорден род на сливата трновка, кога количеството на добиениот пијалак од вие вкусни плодови беше рекордна, годинашниот род е далеку помал, а со тоа се намалени и количествата на добиената ракија. Но од друга страна, таа е со првокласен квалитет, бидејќи шеќерноста на сливата беше многу висока. Тоа придонесе квалитетот на добиената ракија да биде врвен.

– Помалите количества ракија не нѐ разочараа, бидејќи и годинава сваривме доволно ракија спокојно да ги дочекаме претстојната зима и празниците, кои без домашна ракија не можат да се замислат. Годинашната ракија е со одличен квалитет, бидејќи имавме суво, долго и топло лето со многу сонце, што овозможи комината да биде многу поквалитетна, поради високата шеќерност на сливата, што резултира со одлична ракија за сите вкусови. Таа е чиста, природна без никакви додатоци, поздрава за пиење и од прочуеното виски – вели Тони Атанасоски, мајстор за домашна ракија од селото Премка.
И во Копачијата жителите нема да останат без задолжителната домашна ракија препеченица, а самото варење на ракијата е вистински ритуал кога крај казаните се собираат пријатели и љубители на убавата капка, за да ја вкусат штотуку добиената таканаречена „огнена вода“.

– За вистинските љубители на домашната ракија, годинашниот препек е натпросечно добар и не паметиме дали некогаш сме добиле попивка и побистра сливова ракија од онаа што ја добивме оваа есен – вели Цане Ѓорѓијоски, жител на селото Лавчани.
Тој покрај во своето село сливи собирал и во други места, каде што имал свои пријатели и познајници.
Традицијата на варење ракија во овој регион е многу долга и е речиси незамисливо некоја година во месеците септември и октомври да не зачадат казаните и да почне традиционалното правење домашна ракија.

– Задоволството да се прави домашна ракија со ништо не може да спореди, кога сите пријатели и другари се собираме крај казаните и први ја вкусиме штотуку добиената ракија од сливи трновки. Но добрата ракија не оди без задолжителното мезе, за што ќе се погрижат пријателите и соседите. Пробувањето на новата ракија е ритуал што нѐ следи со децении и се надевам, ќе продолжи и во иднина – вели Раде Петрески, жител на селото Козица.