По половина век се вратија крштевките и венчавките во Белица

372

Надежта дека македонските села повторно ќе заживеат се неодамнешните
свечености во Белица, кога се празнуваше заштитникот на селото Александрија

Големиот верски празник, Александрија, во селото Белица, Кичевско, не беше одбележан само со голем црковно-народен собир туку и со крштевка и со венчавка, што во ова преубаво село се случуваат по речиси половина век. Така, Влатко Божиноски во црковниот храм го крсти своето синче, додека во истиот храм се венчаа Александар Штерјоски и неговата сакана Кети, кои пред свештено лице го кажаа судбоносното да.

– Надежта дека македонските села повторно ќе заживеат се неодамнешните свечености во нашата Белица, кога се празнуваше заштитникот на селото Александрија, а по педесетина години во црковниот храм „Свети Ѓорѓија“ се случија и првата крштевка и венчавка. Ова е само почеток на враќањето на овие традиции, а во наредните години очекуваме да имаме и повеќе крштевки и повеќе венчавки. Нашето село забрзано се обновува, луѓето сѐ почесто сакаат да бидат тука и преостанатиот дел од својот живот да го поминат во родната Белица – вели Раде Момироски, еден од најголемите поборници за ревитализација на селото.

Пресреќниот татко на малиот Михаил, кој беше крстен во црковниот храм во селото Белица, Влатко Божиноски, ни рече дека нема зборови за она што му се случило на неговото семејство – крштевката на неговиот шестмесечен син и дека традицијата да се крштеваат децата во родното село е најдобар доказ за неговата поврзаност со селото од каде што се неговите корени.

Повратниците во селото Белица се согласни дека и оваа прослава потврдила дека беличани не го заборавиле родното село и дека сѐ почесто му се враќаат.
– Празнувањето на Александрија и денешната крштевка и венчавка се доказ дека сѐ повеќе наши соселани се врзуваат за родната Белица. Враќањето во родното село треба да се случува со поголем интензитет и во наредните години, кога треба да очекуваме и повеќе крштевки и венчавки, свадби и поголем број новороденчиња – вели Борис, повремен жител од ова село.