Почна воспоставувањето на европска мрежа на станици за полнење на електрични возила

1104

Некои од најголемите европски производители на автомобили сакаат да го подобрат користењето на електрични автомобили и да ја поттикнат нивната продажба со воспоставување на мрежа на станици за брзо полнење на батериите на автомобилите на патиштата, со идеја возачите да го вклучат автомобилот на полнач, да полнат неколку минути наместо неколку часа и да го продолжат патот.

Целта е таква мрежа да се воспостави од Норвешка до југот на Италија. Како и од Португалија до Полска.

За производителите на автомобили, меѓу нив и Фолксваген, БМВ, Дајмлер и Форд, многу работи се на коцка. Нивната заедничка инвестиција, компанијата „Ајонити“, сака да ја постави мрежата на време за да биде на услуга на генерацијата на електрични автомобили која на пазарот ќе стигне следната година. Исто така, сакаат да повратат дел од пазарот на луксузни електрични автомобили од Тесла, која веќе има сопствена мрежа на полначи.

Основната идеја е електричните возила да се одвојат од стереотипот според кој полека се полнат во текот на ноќта во гаражите и се користат за кратки релации.

„Ајонити“ првата станица за полнење ја отвори на 17 април на автопатот покрај малото германско гратче Нидерцисен. Овој, како и уште пет брзи полначи, до 31 мај ќе бидат бесплатни, а струјата подоцна ќе се наплатува. План на компанијата е струјата да ја добива од обновливи извори.

Компанијата склучи договори за околу 300 локации, а просечното растојание меѓу нив ќе биде 120 километри.

Компанијата Тесла покажа дека инфраструктурата за полнење на батерии придонесува за продажбата на возила. Тесла само во Европа има 1.229 станици со 9.623 брзи полначи. Но, полначот на Тесла е единствен, додека „Ајонити“ користи стандардизиран европски полнач.

„Ајонити“ смета на 350 киловати сила кај своите полначи, што е трипати повеќе од оние на Тесла. Во моментот ниту еден автомобил не може во целост да искористи толкава сила, но Порше за следната година планира спортски модел кој со 15 минути полнење ќе може да вози 400 километри.