Потрагата по тајното место на Тоше нѐ поврза сите

1348
Кирил и Марија во сцена од спотот

Како се снимаше спотот за песната „Secret place“ во Крушево

Низ целиот процес на креирање на приказната нѐ водеа желбата и мислата дека треба да направиме дело достојно за песната, но најмногу достојно за Тоше, вели режисерот Илија Жоговски

Видеоприказната за насловната песна од истоимениот албум „Secret place“ со песни на Тоше Проески, која се снимаше во неговото родно Крушево, на местата каде што и тој уживал во безгрижните детски и младешки години, предизвика многу емоции кај неговите почитувачи, не само во Македонија, туку и во целиот регион, па и пошироко.
На Јутјуб видеото веќе го погледнале над 150.000 посетители, а голем број од нив оставаат и искрени коментари. Некој напишал: „Крушево, шарпланинецот Гром, бел гулаб… сѐ потсетува на Тоше“, а друг прокоментирал: „Браво за творецот на спотот, ги одбрал најубавите места во Крушево“.

Премиерно спотот беше прикажан на неодамнешниот мегаконцерт во чест на нашата најголема музичка ѕвезда, што се одржа во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во Скопје на 2 ноември. Се разбира, највозбудени беа сите што учествуваа во неговото снимање и реализација: продуцентот Александар Пауновски, музичкиот продуцент Енди Рајт, режисерот, сценарист и директор на фотографија, Илија Жоговски, снимателот Борис Јосифовски, светло-мајсторот Иван Ѓорчев, костимографката Елена Максимовска, Елеонора Марк -шминка, монтажа – „Ротосотоп ент“… Во спотот се појавуваат актерите Душан Петровски и Андреа Голуб, а главни ликови се тринаесетгодишните Марија Јанчевска и Кирил Пупуноски, кои беа и највозбудени и најсреќни, што биле дел од овој важен, голем и за нив незаборавен проект, кој, како што ни рекоа, ќе го паметат додека се живи.

– Низ целиот процес на креирање на приказната нѐ водеа желбата и мислата дека треба да направиме дело достојно за песната, но најмногу достојно за Тоше. Јас сум задоволен од крајниот резултат и искрено се надевам дека ќе ѝ се допадне и на публиката. Целата екипа, вклучувајќи ги и родителите на децата, а најмногу Марија и Кирил, се вложивме максимално за да го создадеме овој краток филм. Идејата да направиме спот во кој главните ликови се деца беше на продуцентот Александар Пауновски, а сценариото го напишав јас. Главната инспирација за приказната е самата песна, а локацијата каде што се случува сето тоа е родниот град на Тоше, Крушево – ни рече режисерот Илија Жоговски.

Тој дополни дека пет дена во Крушево се барале соодветни локации, а во снимањето била ангажирана десетчлена екипа.

– Видеото е нарачано од фондацијата „Тодор Проески“, од чии членови имавме голема поддршка, како и од самите крушевчани – велат луѓето вклучени во проектот.
Дел од атмосферата за време на снимањето ни откри и костимографката Елена Максимовска.

– Спотот е толку убав затоа што со љубов се снимаше и сите што учествувавме во неговото реализирање чувствувавме некоја посебна енергија и голема почит кон Тоше. Инаку што се однесува до костимите во спотот, за што бев одговорна јас, се трудев да бидат оригинални, да не изгледаат толку ретро, но да доловуваат некое друго време. Секако се трудев парчињата облека, да бидат и удобни и прифатливи за око – ни откри Елена.

Таа дополни дека главните ликови, тринаесетгодишните Марија и Кирил, биле многу одговорни и послушни, иако се снимало од наутро до доцна во ноќта, на сонце и на студено. Од голема помош биле и нивните родители, кои освен што им биле голема поддршка на своите деца и самите помагале.

На тинејџерката Марија Јанчевска, ова не ѝ е прво искуство пред камера. Таа досега била дел од многу детски емисии, членка е и на хорот „Златно славејче“, а на претстојниот фестивал ќе настапи и како солистка. Освен тоа, таа пишува, глуми, рецитира, а се обидела и каков водителка.

– За учество во спотот немаше кастинг. Само ми се јави продуцентот Александар и ме праша дали би сакала да бидам дел до овој проект посветен на Тоше и се разбира дека истиот миг прифатив. А еве ја накусо и приказната: едно семејство, мајка, татко и ќерка традиционално одат на одмор во Крушево. Таму девојчето има друштво, а се запознава и со едно момче. Во тревата забележува ранет гулаб, и токму тоа ќе ги поврзе. Ќе го земат заедно и ќе го лекуваат на едно скришно место, кај едно старо дрво во шумата. Велат дека токму тоа било едно од омилените места на Тоше во родното Крушево, а друштво ни правеше и неговиот шарпланинец Гром – ни ја откри тајната Марија.

Таа ни рече и дека подготовките траеле неколку месеци, а се снимало шест дена, но и покрај напорното темпо наутро сите биле подготвени навреме и полни со ентузијазам.

– Иако не беше лесно, сите се сплотивме и си помагавме. Најмногу нѐ поврза фактот што ова што го работиме е посветено на Тоше, нѐ споија неговата енергија и љубов за сите. Снимен е обемен материјал и наскоро ќе се направи еден краток филм за тоа како се реализира овој спот – вели Марија.

Меѓу поопасните сцени, таа ја издвои онаа кога таа и Кирил палеле оган во шумата.

– Седевме покрај огнот и Кирил за малку ќе ја изгореше ногата. И кога снимавме кај езерото се изнамачивме околу веслањето зашто не сме баш вешти околу тоа. А кога се снимаше делот кога јас и тој лежиме на тревата, многу се смеевме. Инаку Душан, мојот татко во спотот, беше многу забавен, па не е случајно дел од тимот на „Фчерашни новости“. Постојано ни помагаше, ни кажуваше шеги. И мајка ми и татко ми беа со мене, па и тие помагаа, носеа реквизити… Многу се спријателија и се поврзаа со родителите на Кирил и за сите ова беше едно прекрасно, незаборавно искуство – ни рече таа.

Партнерот на Марија, Кирил Папуноски е ученик во осмо одделение во ОУ „Никола Карев“, во кое учел и Тоше Проески. Тој ни откри дека екипата прво одбрала друго момче од Крушево за оваа улога, но дури потоа продуцентите решиле да го ангажираат него и му дале доволно време да се адаптира на новото искуство.

– Со продуцентот Александар цела недела ги учевме сцените. Но верувале или не, јас не ја знаев целата, заокружена приказна речиси до крајот, никој не ја знаеше, зашто спотот требаше да биде изненадување за сите. Кога го погледнав на премиерата многу ми се допадна, беше интересно, магично. Ова е моја прва ваква улога со глумење, па којзнае, можеби ќе ме поттикне да се обидам да станам актер – вели Кирил.

Тој многу сака да игра фудбал и тренира во клубот Академија Пандев во Прилеп.
Од анегдотите за време на снимањето тој ја издвои онаа кога гулабот што го фрлиле тој и Марија за време на снимањето на последната сцена, бидејќи не знаел баш убаво да лета, паднал врз главата на продуцентот Александар.

На Кирил голем впечаток му оставила и слогата и убавата, пријателска атмосфера што владеела за време на снимањето на видеоприказната за тајното место на Тоше Проески во Крушево.


Проески му помогнал на Кирил кога бил бебе

Мајката на Кирил, Моника ни откри и една долго чувана тајна на семејството Пупуноски.
– Кирил и целото наше семејство се особено врзани за ликот на Тоше и за спомените на него. Кога беше бебе Кирил, на 8 месеци, го касна инсект и го зарази со болеста лајшманија и завршивме на Детската клиника во Скопје. И каква случајност, тој ден клиниката ја посети и Тоше во врска со некоја донација. Му се јавивме и се распраша зошто сме тука. Кога слушна, ги донесе најдобрите лекари за да се утврди вистинската дијагноза, а потоа ги порача и ги плати најдобрите, специјални инјекции од Франција. По еден-два месеца на Кирил му беше многу подобро, состојбата се стабилизира и оздравени се вративме дома во Крушево. И сега кога слушнавме дека Кирил ќе глуми во спотот, ова го сфативме како можност на некој начин да му се заблагодариме на Тоше за тоа што го направи за нас. Ете, како што велат, ништо во животот не е случајно. И сѐ излезе убаво и спотот и песната се прекрасни. Инаку, накратко во видеото се појавува и нашата ќеркичка Ива, која има 8 години. А јас и тато Сашо бевме цело време тука да даваме поддршка. Спотот на премиерата го гледавме со солзи во очите и со многу емоции – ни откри Моника Пупуноска.