Потонат антички брод стана подводен музеј во Грција

128

На дното на Егејско Море се наоѓаат остатоците од бродот „Паристера“, кој потонал пред околу 25 века. Грчките власти го претворија во прв подводен музеј, кој љубителите на нуркањето ќе можат да го посетуваат од 3 август до 2 октомври.
Урнатините на славниот брод се наоѓаат на длабочина од околу 30 метри во Егејско Море, во близината на островот Алонисос, пишува „Винтиџ њус“.

Имено, се проценува дека на местото на урнатините има околу 4.000 амфори (антички керамички садови со две рачки и тесен „врат“), кои се наоѓаат во изненадувачки добро зачувана состојба, барем колку што е можно во вода. Археолозите веруваат дека во нив имало вино, кое атинските трговци го транспортирале на локалните острови.

Бродот бил откриен во 1985 година, кога еден локален рибар забележал неколку амфори што лебдат крај брегот на Алонисос. Археолозите веднаш сакале да знаат за што станува збор, па затоа во следните години значително било унапредено знаењето за околностите под кои потонал бродот „Паристера“, но и за самиот антички свет.
До 2005 година грчките власти го ограничиле пристапот до локацијата, по што повремено им било дозволувано на индивидуални нуркачи да ја посетуваат, а од 3 август музејот ќе биде достапен два месеци за сите туристи што ќе сакаат да го посетат.