Последно збогум за Димитар Чемков-Циме

212

Ненадејно, во петокот нѐ напушти нашиот колега, доајенот на македонското музичко новинарство Димитар Чемков-Циме.

Роден е на 2 февруари 1942 година. Цели 37 години како музички новинар и уредник беше дел од музичката редакција на Македонско радио – Радио Скопје.

Бил водител на популарни емисии меѓу кои се: „Поп-албум“, „Поп-контакт“, „Поп-телекс“, „Најдоброто од…“. Циме беше и музички критичар, рецензент и коментатор на многу музички настани и фестивали како што се: Скопски забавен фестивал, Избор за песна на Евровизија, „Макфест“, „Еврофест“, Скопски џез-фестивал, „Цветници“, „Валандово“, „Охрид-фест“…

Автор на седумдесетина забавни и новосоздадени фолклорни композиции и е еден од основоположниците на македонската рок-музика. Бил член на групата „Спектар“ и на двете најпопуларни рок-групи во 1960-тите – „Бисери“ и „Биз-бес“.