Последната бела жирафа доби уред за следење

137

Единствената позната бела жирафа во светот доби ГПС-уред за следење и заштита од ловци во североисточна Кенија. Групата за зачувување на природата „Исахабини Хирола“ соопшти дека шумарите ќе можат да го следат движењето на осамена машка жирафа во реално време, пренесува Би-би-си.

Белата машка жирафа е единствена од тој вид, откако ловокрадците ги убија членовите на нејзиното семејство во март. Шумарите стравуваат дека оваа жирафа може да ја има истата судбина. Телата на претходно убиената женка и седуммесечното младенче се пронајдени во округот Кениса, Кенија, каде што мажјакот во моментов живее сам.

Здружението за заштита на животните „Исахабини Хирола“, кое го следи дивиот свет во оваа област, соопшти дека ГПС-уредот за следење бил прикачен на рог на жирафа на 8 ноември.

Во изјавата, оваа непрофитна група објабува дека уредот ќе ги информира шумарите за локацијата на жирафата на секој час, што ќе им овозможи „да го заштитат ова уникатно животно од нелегален лов“.

Менаџерот на оваа група, Мохамед Ахмеднур, им се заблагодари на експертите за заштита на природата за помошта во заштитата на оваа жирафа и на други диви животни.

– Областа каде што се храни жирафата неодамна беше дождлива, а бујната вегетација е добар знак за иднината на ова бела жирафа – рече тој.

Кениското друштво за природа, главната организација за зачувување на природата во источноафриканската земја, изрази задоволство што може да помогне во заштита на „уникатни животни, како што е единствената жива бела жирафа“.

Белите жирафи првпат биле забележани во Кенија во март 2016 година, два месеца откако беа забележани и во соседна Танзанија. Една година подоцна, белите жирафи повторно беа актуелни, откако мајката и младенчето беа фотографирани со камера во округот Гарис.

Жирафите живеат во повеќе од 15 африкански земји и се највисоките цицачи во светот. Ловокрадците ги убиваат заради кожата, месото и деловите од телото.

Според податоците на Африканската фондација за диви животни околу 40 проценти од популацијата на жирафите исчезнаа во последните 30 години, што е резултат на нелегален лов и криумчарење на диви животни. Жирафите се прогласени за ранлив вид и се на црвениот список на Меѓународната унија за зачувување на природата, а се верува дека има 68.293 од нив во светот.