Посетителите на Олимписките игри во Париз во 2024 година ќе патуваат со летечко такси?

210

Произведувачот на авиони „Ербас“ во соработка со француската компанија за транспорт „РАТП груп“ ќе ја разгледуваат можноста за креирање на возила со можност за вертикално полетување и слетување кои би пренесувале патници во главниот град на Франција, со намера да создадат летечки такси-возила во Париз, пред почетокот на Олимписките игри во 2024 година, јавува Си-ен-ен.

Физибилити студијата, започната во соработка со аеродромскиот оператор „Груп АДП“, ќе ги разгледа можностите за менаџмент на сообраќајот, урбана интеграција, одржување, дизајн и продукција на летечките возила.

За да стигнат до центарот на градот, посетителите кои пристигнуваат на аеродромот „Шарл де Гол“ во моментов или треба да земат такси, или 35 минути да се возат со воз или да влезат во еден од автобусите на кој му требаат од 45 до 90 минути.

– Ќе се направат напори за да се осигура да летечките возила се достапни за најголема можна бројка на луѓе – изјавија од „РАТР груп“.

„Ербас“ не е единствената компанија што планира да создаде летечки такси-возила. Компанијата „Убер“ во партнерство со НАСА има сличен проект кој според проценките би бил отворен за корисници во 2023 година. Според информациите, „Убер“ ќе има свои летечки возила во Мелбурн, Далас и Лос Анџелес.

„Ролс ројс“ и „Боинг“ исто така имаат најавено проекти за летечки возила.