„Полна со магија“ – нова песна на групата „Водолија“

38

По подолга пауза е снимена нова песна во студиото на Ристо Апостолов, лидерот на групата „Водолија“. Тој заедно со другите членови на бендот, Бојан Митановски и Весела Христовска, периодот на изолација го искористи за работа на нов музички материјал, а прва пред публиката ја претставуваат „Полна со магија“, чиј целосен автор е Ристо Апостолов.
– Снимањето на новиот музички материјал е во тек во моето студио и во моментот работиме на демо-снимки. Желни сме за живи свирки, доколку условите го овозможат тоа, а освен постарите хитови на публиката ќе ѝ презентираме и дел од новите песни. Сепак, сѐ уште не можам со сигурност да кажам кога ќе се случи тоа, бидејќи сакале-нејќеле сите, а особено нас музичарите нѐ погоди пандемијата. Како и да е, остануваме во светот на музиката, во очекување на подобри денови. А дотогаш на нашите обожаватели им ја подаруваме новата песна „Полна со магија“ – вели Апостолов.
Инаку групата „Водолија“ постои веќе 30 години, а првиот официјален настап го има на „Поп-рок фест“ во 1991 година, кога го снима и првиот сингл во студиото „М2“ на МРТ. Досега имаат издадено три албуми: „Љубов или страсти“ (1996), „Хазард“ (1997) и „Сѐ што е свето“ (2009/2010). Првите два носачи на звук се снимени во студиото на Владимир Петровски-Картер од „Бадмингтонс“, а третиот албум е снимен во студиото на лидерот на групата „Водолија“, Ристо Апостолов. Континуирано издаваат нови песни, меѓу кои се и: „Како од бајки“, „Сѐ што ми треба“, „Љубовна песна“, „Само еден“…