Познатите модни дизајнери донираат маски во болниците

30

Популарните модни куќи „Гучи“, „Сен Лорен“ и „Баленсијага“ ќе им обезбедат на европските здравствени установи неколку милиони медицински маски како дел од напорите за борба против ширењето на коронавирусот. „Керинг груп“ ја поддржува борбата против ковид-19 во Франција, Италија и во Кина, заедно со компанијата „Гучи“, која има намера да донира до 1,1 милион хируршки маски и 55.000 медицински мантили за италијанските болници и здравствени работници во наредните недели, објавија од „Гучи“ на Твитер.

На интернет-страницата на „Керинг груп“ се вели дека модните куќи „Баленсијага“ и „Сен Лорен“ имаат намера да обезбедат три милиони маски во француските болници. Покрај тоа, „Керинг груп“ и модните компании што припаѓаат во оваа група донираа и во институтот „Пастер“ во Франција, за да помогнат во неговото истражување за ковид-19.

Претходно беше објавено дека француската компанија за луксузни производи ЛВМХ, поради пандемијата на коронавирусот, почна со производство на средства за дезинфекција во своите фабрики за парфеми и козметика, кои ќе ги доставува бесплатно до болниците.