Познатите личности донираат за опожарената Австралија

267

Пинк, Никол Кидман, Селена Гомез, Мајли Сајрус, Елтон Џон, Новак Ѓоковиќ се само некои од славните личности што деновиве донираа високи суми пари за опожарената Австралија. Освен тоа, тие апелираат помошта да се зголеми, да се соберат што повеќе средства и да му се помогне на седмиот континент да ја совлада огнената стихија.

Во пожарите што повеќе од еден месец беснеат во Австралија досега биле уништени над 14 милиони хектари земјиште, настрадале повеќе од 30 лица, изгореле 200.000 дома, над илјада семејства биле принудени да ги напуштат своите домови. Се претпоставува и дека угинале околу половина милион животни.
Меѓу личностите што донирале за помош во овие тешки денови се и Австралијката Кајли Миног со семејството, Селест Барбер, Ким Кардашијан…
Пејачката Кајли донирала 500.000 долари, но исто така ги повикала луѓето во целиот свет да донираат кој колку може.

– Минатата година имав неверојатна можност првпат да посетам само некои од прекрасните предели на мојата родна Австралија. Но сега сликата е страшна. Опустошен е поголем дел од континентот, тоа е многу болно за сите – напишала Кајли на Инстаграм.
Комичарката од Австралија Селест Барбер собрала повеќе до 28 милиони австралиски долари (17.300.000 евра), така што ги повикала луѓето на социјалните мрежи да донираат кој колку може. Американската пејачка Пинк донирала 500.000 долари (447.000 евра) за локалните противпожарни служби, кои неуморно и храбро се борат против огнената стихија.

Глумицата Никол Кидман објавила на Инстаграм дека таа и нејзиниот сопруг Кит Урбан исто така донирале 500.000 долари.
– Нашата поддршка, мисли и молитви се насочени кон жртвите на пожарите во Австралија – напишала Никол Кидман на социјалните мрежи, додавајќи дека противпожарните служби даваат сѐ од себе и се борат со сите сили да ги совладаат пламените јазици.
Селена Гомез донирала 5 милиони долари, а Мајли Сајрус донирала 3 милиони долари за помош на луѓето, но и на загрозените животни во Австралија.
Австралискиот бизнисмен Џастин Хемс објавил оти ќе донира 500.000 долари, а Ким Кардашијан не сакала да ја објави сумата што таа и нејзиното семејство ја донирале за настраданите.

– Ништо не ме иритира толку како кога луѓето мислат дека ние мораме сѐ да објавиме, па и точната сума што сме ја донирале – напишала таа.
И спортистите се приклучија на хуманитарната акција. Моментално, првата на листата на најдобри тенисери на светот, Австралијката Ешли Барти, најави дека ќе го донира целиот износ што ќе го заработи на турнирот во Бризбејн, а Марија Шарапова донира 25.000 долари и го предизвика Новак Ѓоковиќ да ја изедначи донацијата, на што тој веднаш одговори.
– Да, Марија, двојно ќе ја зголемам твојата донација за да им помогнам на загрозените. Австралија, со тебе сме – напишал Новак на Твитер и дополнил: „Кој ќе ни се приклучи?“

На листата на донатори се и членовите на познатата хевиметал-група „Металика“, кои донираа 700.000 долари.
Глумецот Расел Кроу не присуствуваше на доделувањето на „златните глобуси“, иако е еден од добитниците, за да може да биде со своето семејство во Австралија и да го брани од смртоносните пожари.
Елтон Џон ветил донација од милион долари за помош на Австралија.
– Она што се случува во Австралија е многу тажно и мораме сите да се обединиме во оваа борба. Ова е мој придонес, сега вие сте на ред – напишал сер Елтон Џон на социјалните мрежи.
Претходно глумецот Крис Хемсворт објавил на Инстаграм дека исто така ќе донира милион долари за спас на Австралија.