Подбивањето е во срцевината на нашето постоење и преживување како нација

1003

„Сеир и ништо“ е серија комични илустрации инспирирани од желбата да се најдат конструктивни начини да се поигра со баналното

„Сеир и ништо“ е серија комични илустрации, нацртана од Брадестиот Џо, а напишана од Тања Аждаја. Велат дека илустрациите се од сите природи и природности: од јазична обработка на познати народни изреки и мудрости, до антропоморфизирање на предметите, флората и фауната што нѐ опкружува преку игрива семантика.

Тања Аждаја и Брадестиот Џо

– Идејата за соработка се роди сосема спонтано преку Фесјбук. Се најдовме на неколку фронта: во сродните квалитети за интересно коментирање под статусите на заедничките пријатели; во збороигранките на сопствените статуси и во илустрациите на Џо, кои веќе постоеја на Фејсбук и чекаа дополнителен зборовен погон од Аждаја. Идејата за книга дојде природно, како што се трупаа новите илустрации и објавите на „Окно“. Имено, Никола Гелевски го препозна книжевно-уметничкиот потенцијал на нашите дела и почна да ги објавува на порталот „Окно“. Ние би сакале илустрациите да се неоптоварливи и неоптоварени со секојдневието. Не може сосема да се побегне од реалноста, но може да се проба – ни споделија Тања и Димитар.

Велат дека ги инспирира разговорот еден со друг. Или желбата да се најдат конструктивни начини да се поигра со баналното.

– Кога одиме на гости кај патлиџаните треба да се осеќаме ко домат е формата на пораки што ја праќаме до нашите следбеници. Добро е што сме двајца, бидејќи така може да чуваме стража на смени, за да не ни се провлечат некои ненамерни пораки!

Во директна смисла веројатно нема да се најдат рационално обмислени пораки, но во основата на сите илустрации лежи идејата дека јазикот сам по себе е една слоевита структура, која овозможува бесконечно многу комбинации, пермутации, пертурбации и игри. Споен, пак, со сликата, може да те насмее без мислење, или па сериозно да те замисли со смеење – додаваат од „Сеир и ништо“.

Книгата им е веќе готова, во издание на „Темплум“ и содржи нешто повеќе од 120 илустрации. Ликовите се раѓаат како резултат на експлозија на супернови идеи на Џо и Тања. На почетокот сѐ е тоа прав и магла, но со текот на разговорот настануваат нови мали и големи идеи, кои се здружуваат и растат до оформување на конечниот лик во главата на Џо. Велат дека се фокусирале на сеирот, затоа што е во сржта на нашето постоење и преживување – како луѓе, но и како нација.

– Којзнае како би го опишале и би си го објасниле секојдневието доколку не постоеше можноста да го исмееме без да го разбереме. Ништото, пак, доаѓа токму од беспоентноста во нашите илустрации. Примарни се игривоста и непостоењето на граници во кои може да се движи умот со понудените зборови и слики. Поентата, и кога постои, е ко украсно палто: закачена на илустрациите, но не се наметнува на читателот – објаснуваат Тања и Џо.

Следни предизвици им се нови ликови, концепти и комбинации од двете.
– Како и рударење низ македонскиот јазик и култура, неговата врска со други јазици, историјата, секојдневието, и барање на забавен начин да ги реобмислиме, а по можност и да ги ревитализираме тие вредности. Да допреме до што повеќе луѓе, можеби и да бидеме присутни во некој дневен весник. Да насмееме барем еден човек дневно, за нас е повеќе од посакувана интервенција во светската среќа – велат од „Сеир и ништо“.